Централните банки низ целиот свет развиваат виртуелни верзии на своите валути, најмногу поради фактот што постои намалена физичка употреба на готовината како средство за плаќање. Монетарните власти во развиените земји се цврсто решени да бидат во чекор со дигиталниот свет на 21 век, држејќи ги истовремено на око приватните парични валути во развој, како што е, на пример, либрата (дигитален платежен систем – криптовалута – предложен од страна на американската компанија „Фејсбук“). И Европската централна банка експериментира со дигитални евра. За што станува збор?
Европската централна банка планира
воведување дигитална валута
Изминатата недела реномирана институција со седиште во Франкфурт постави анкета наменета за мерење на „апетитот“ на јавноста за новиот начин на плаќање. Европската централна банка не е единствената што се занимава со ова прашање. Централните банки низ целиот свет развиваат виртуелни верзии на своите валути, најмногу поради фактот што постои намалена физичка употреба на готовината како средство за плаќање. Монетарните власти се цврсто решени да бидат во чекор со дигиталниот свет на 21 век, држејќи ги истовремено на око приватните парични валути во развој, како што е, на пример, либрата (дигитален платежен систем – криптовалута – предложен од страна на американската компанија „Фејсбук“).
Што всушност претставува дигиталното евро?
Реномираниот сајт „Политико“ (www.politico.eu) подетално се осврнува за да го поедностави објаснувањето за тоа што би значеле појавата и употребата на дигиталното евро во животот на граѓаните.
Имено, таму се вели дека „дигиталните евра би значеле дополнување на вашиот паричник, а не замена за нешто друго во него. Трговците и дуќанџиите би ги прифаќале како алтернатива за готовина или платежна картичка. Пријателите би можеле меѓусебно да си позајмуваат дигитални евра, како и лесно да си ги враќаат во секое време и на секое место. Замислете ги како електронска банкнота што е ’складирана‘ во апликација слична на паричник, која ја имате во вашиот паметен телефон и за која ЕЦБ гарантира – тоа значи дека едно диги-евро секогаш вреди колку и монета од едно евро. Голема предност е што овие пари не можете да ги изгубите. Европската централна банка би водела евиденција за вашите дигитални евра, заштитувајќи ве во случај на губење на мобилниот телефон“.
Новиот дизајн драстично би се разликувал од оној на криптовалутите како што е биткоинот, чија вредност осцилира. Дигиталното евро и трансакциите се планира да бидат многу безбедносно позаштитени, а не како биткоините, каде што имаше повеќе негови корисници што станаа жртви на сајбер-криминалци. Исто така, дигиталните евра би се разликувале и од стејблкоинот – ценовно стабилна криптовалута – која има цел да спречи вредносни флуктуации, но сепак зависи од поддршката на конвенционалните валути.
Како е опишано дека дигиталното евро би функционирало?
Поседувањето и работата со дигитални евра можеби нема да изгледа многу поразлично од проверката на банкарска сметка преку мобилен телефон.
– Финансиска фирма по ваш избор би ве обезбедила со апликација што прикажува колкав е точниот број на дигитални евра што ги поседувате во моментот. Меѓутоа, финалниот процес на плаќање би бил многу поинаков. Електронскиот трансфер во денешно време се одвива вака – банката на испраќачот пренесува порака до клириншката куќа, барајќи од неа да префрли пари од својата сметка во банката на примателот. (За одредени големи суми или итни плаќања, ова може да оди директно до ЕЦБ). Потоа се проверуваат деталите и се задолжува банкарската сметка на испраќачот во ЕЦБ за исплата на примателот. Постапката може да трае од еден до два дена, сѐ додека парите не легнат на сметката на примателот, се појаснува во „Политико“.
Во теорија, дигиталното евро би можело да ја рационализира трансакцијата за пониска цена. ЕЦБ би можела да води свој сопствен книговодствен „тефтер“, автоматски следејќи го секој сопственик на дигитална валута.
Пандемијата на коронавирусот го забрзува појавувањето на дигиталното евро
Две се причините зошто токму сега, односно што поскоро се планира лансирањето на употреба на дигиталното евро.
Прва причина е бидејќи електронското плаќање е во пораст, односно затоа што луѓето се плашат дека физичката готовина може да пренесува ковид-19. А втората е затоа што технолошката индустрија развива свои сопствени видови валути.
Во моментов, т.н. либра (дигитален платежен систем – криптовалута – предложен од страна на американската компанија „Фејсбук“) е најактуелна тема во дискусиите на административните функционери. Ова здружение, основано од страна на „Фејсбук“ и неколку други компании, дизајнира платежна услуга со користење стејблкоин – вид дигитално парично средство за кое ЕУ најавува скорешна регулација. Овој потфат ги „исплаши“ креаторите на политики – либрата би можела да стане достапна за 2,7 милијарди корисници на Фејсбук, поткопувајќи ја полека вредноста на еврото, но и правејќи ги „ранливи“ финансиите на граѓаните, како за апетитите на странските сили, така и за компаниите што собираат податоци поврзани со нивните потрошувачки навики. Оттука, главната задача на дигиталното евро на ЕЦБ би се однесувала на намалување на ваквите ризици.
Кои се сценаријата во кои се предвидува застој на процесот за брза појава на дигиталното евро?
Пред Европската централна банка (ЕЦБ) да ги направи дигиталните евра достапни за јавноста, неопходно е да се спроведат неколку мерки на заштита. Без нивна реализација, банките би се нашле во вистинска неволја. Како прво, штедачите би требало да се уверат дека имаат поголема корист од поседувањето дигитални евра, наместо да ги депонираат своите пари во банки, кои наплаќаат големи такси за чување готовина и им исплаќаат ниски камати на своите штедачи. Од друга страна, намалените депозити може негативно да се одразат врз севкупните општествени текови. Банките зависат од депозити, како основен извор на финансирање, па, така, постои можност на крајот тие многу повисоко да ги наплаќаат кредитите, со што би била забавена општата економската активност. Наедно, во времиња на криза, штедачите би побрзале што побрзо да се дигитализираат, осакатувајќи го на тој начин финансискиот систем многу побрзо од потезите на конвенционалните банки. ЕЦБ активно работи на наоѓање начини за превенција на ваквите сценарија. Се размислува за лимитирање на износот на дигитални евра што една личност може да ги поседува, како и за идејата да им се наплаќа на луѓето што имаат големи количества од нив.
Приватноста и стратегијата на користење
Заради заштита на идентитетот на корисниците, употребата на дигиталното евро може да вклучува соработка на повисоко ниво со многубројните агенции што ги имаат деловите од сложениот клуч за дешифрирање, неопходен за откривање на страните што стојат зад легалната или нелегалната трансакција.
– Држејќи ја во рака, вие можете да ја трошите својата готовина, без никој да следи што купувате и за што плаќате. Од друга страна, плаќањето со картички и преку интернет значи дека некој води евиденција во однос на вашите трансакции. Дигиталните евра би можеле да го „наследат“ најдоброто од овие два вида плаќање, по пат на создавање електронски отпечатоци од прсти, достапни само за овластени лица. На тој начин, податоците на граѓаните би биле заштитени, а криминалците би биле спречени во намерата да дојдат до туѓи пари. Тоа наедно би значело ограничување на големи трансфери на дигитални валути, како и следење на сомнителните потрошувачки активности, тврди извор за „Политико“.
Во текот на следниве 6 месеци, ЕЦБ ќе врши интерни експерименти и некаде до средината на 2021 година ќе донесе конечна одлука за тоа дали ќе го пушти во оптек дигиталното евро. Меѓутоа, имајќи предвид дека либрата со сигурност ќе стапи на сцена во текот на годинава, тешко е да се верува дека централните банки и нивните раководства ќе седат со скрстени раце, во врска со ова заклучува „Политико“.