Деталниот патоказ за роамингот сѐ уште е во развој, но главна цел е заедно со мобилните оператори да овозможи пад на цените во роамингот
Дигитализацијата ќе овозможи поголемо поврзување на граѓаните и на бизнисите од Западен Балкан со Европската Унија и побрзо интегрирање на регионот во Унијата. Клучно во тоа се капацитетот за користење на дигиталните технологии, соодветната инфраструктура и заложбите за намалување на цените во роамингот. Ова беа главните пораки од отворањето на првиот дигитален самит на земјите од Западен Балкан, чиј домаќин е Македонија.
Според еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, заедничката иднина ќе биде дефинирана од капацитетите да се зграпчат придобивките од дигиталната трансформација. Засилено се работи, како што посочи таа, на подготовка на дигиталната агенда на Западен Балкан, како клучна иницијатива што ќе биде презентирана на мајскиот самит во Софија.
– Целта е да се овозможи дигиталната трансформација на општеството во Западен Балкан. Тоа ќе го овозможиме со примена на мултисекторски пристап, кој се соочува со главните предизвици што ни претстојат, развојот на дигиталните вештини вклучувајќи ги тука и жените, развојот на поврзаноста и инфраструктурата, мобилизацијата на јавната администрација и е-Владата, јакнењето на нашата отпорност и компјутерска безбедност. Имаме намера да ги намалиме цените со ЕУ и ќе го направиме тоа во следните месеци – рече Габриел.
Таа ја поздрави желбата на мобилните оператори во регионот да се вклучат во конструктивен дијалог за истражување на сите начини за намалување на цените на роамингот, кои се високи не само во регионот на Западен Балкан туку и во самата ЕУ и укажа дека ова е многу сложена тема за која на ЕУ ѝ беа потребни десетина години да ја оствари.
– Процесот и дискусиите за деталниот патоказ за роамингот сѐ уште се во развој, но наша цел е заедно со мобилните оператори да овозможиме пад на цените во роамингот на самитот во мај – порача Габриел.
Еврокомесарката дополни дека целосната покриеност на сите потрошувачи во регионот е прв предуслов за склучување договор за намалување на цените во роаминг во Западен Балкан и ЕУ.
– Дигитализацијата е можност што не треба да се пропушти доколку сакаме да обезбедиме иднина. Регионалната соработка има клучно значење во поврзувањето на граѓаните и државите на Западен Балкан. Таа регионална соработка доби суштина со Берлинскиот процес, а особено со усвојувањето на планот во Трст – рече на отворањето македонскиот премиер Зоран Заев.
Според него, инвестирањето во нови технологии ќе донесе ефикасност и продуктивност, а особено важно е дека во дигиталниот свет нема големи и мали играчи. Тој додаде дека дигиталната економија е клучен инструмент во бизнисот, политиката, образованието и во безбедноста.
– Уверен сум дека ваквите регионални настани ќе помогнат во регионалните пазари – рече Заев.
Премиерот посочи дека во буџетот постојано се обезбедуваат средства за дигитализација и изрази подготвеност државата да учествува во евентуалната загуба што би се појавила кај операторите од намалувањето на цените на роамингот бидејќи користа би била голема доколку бизнисите и граѓаните се поврзат.
Македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, очекува Западен Балкан дигитално да се интегрира во Европа многу побрзо отколку што ќе го направи тоа политички.
– Очекувам цените на роамингот во регионот и со земјите од ЕУ драстично да се намалат и меѓусебно да си ги признаеме дигиталните сертификати. Очекувам да договориме заеднички настап за подобрување на пристапот до широкопојасен Интернет, очекувам Западен Балкан да стане следната ИКТ-дестинација во светот и нашите млади да бидат предводници во подигнувањето на дигиталните вештини и да останат во своите земји – наведе Манчевски.
На самитот се одржа и премиерски панел, на кој учествуваа премиерите на Македонија, Босна и Херцеговина и на Косово, а присутни беа и министри, бизнисмени и претставници на ИКТ-секторот. Во рамките на самитот беше отворен експо-саем на ИКТ-фирми на кој ќе се претстават компании од дигиталната сфера, а ќе се одржи и камп за стартап-компании и конференција посветена на лажните вести.
Самитот ги поврзува на едно место претставниците на владите, бизнисите, регионалните организации, граѓанското општество, академската заедница и младите со заедничка цел – размена на идеи и предлози за заедничко дејствување.
Во текот на овие два дена, освен за намалување на цените на роамингот, се разговара и за сајбер-безбедноста, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните и за меѓусебно дигитално поврзување на земјите од регионот.
Од самитот треба да произлезе заедничкото барање до Европската комисија за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати, што значи дигитални потписи и печати. На самитот учествуваат претставници од Австрија, Англија, Франција, Италија, Германија, Словенија и од Хрватска.
Нова е-алатка за транспортни дозволи
„ПристАПП транспорт“ е новата електронска алатка преку која во иднина ќе се издаваат транспортните лиценци и дозволи, со нејзина промоција беше означено отворањето на „Експо-саемот“ на ИКТ-фирми што се одржува паралелно со Дигиталниот самит за Западен Балкан.
Софтверското решение ќе се изработува во согласност со повикот што го објави Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за транспорт и врски.
– Водени од принципот на отворена транспарентна и отчетна влада се јави потребата за креирање нов софтверски систем за поефикасно и поефективно управување со јавните услуги во секторот транспорт – рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Софтверското решение ќе ги опфаќа сите фази од постапката од електронското аплицирање во патничкиот линиски превоз, како и транспортот на стока предвидени со Законот за превоз во патничкиот сообраќај, управување на постапките за одобрување решение, па до издавање лиценци и дозволи.
Според Сугарески, новиот софтвер треба да ги зајакне транспортните услуги и да го олесни пристапот на крајните корисници до нив.
За изработка на новата апликација „ПристАПП транспорт“ може да се доставуваат предлог-решенија до 20 мај. Таква можност имаат сите микро, мали и средни претпријатија што работат со информациски технологии, кои може да аплицираат поединечно или во соработка со установа, која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност и претпријатие и здружение.
Проектот ќе трае девет месеци и, според директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, ќе овозможи исполнување на определбата за доближување на институциите и Владата до граѓаните.