Не само што имаат проблеми со сушата, која е присутна во регионот повеќе од два месеци, дел од земјоделците од кичевско, се соочуваат и со огромни штети направени од страна на дивите свињи, кои поради недоволните количества на храна во природата, гладта ја задоволуваат со пченката, гравот и останатите градинарски култури застапени во овој регион. На поедини парцели штетите се движат и до 50 проценти, бидејќи посетите на неповиканите гости во некои периоди летово се и многу чести.
-Паралелно со сушата која речиси ги секна речните корита во нашиот регион, недоволните количества на храна во природата, ги присили дивите свињи во нашиот регион, гладта да ја задоволуваат со неконтролирано влегување во нашите ниви, каде што се засејани и засадени градинарски култури. Нападите врз нашите ниви секојдневно се зголемуваат и се чини, пред ние да ја собереме летината, истото ќе го направат дивите свињи, кои во нашиот регион и покрај ловот, ги има во исклучително голем број. Во нивите влегуваат претежно во ноќните часови и каде што ќе влезат зад себе оставаат вистински пустош и прават непроценливи штети врз земјоделските култури, кои ги одгледуваме за сопствени потреби – се пожалија жители од Беличка река и Копачијата, соочени со проблемите кои ги прават врз нивните имоти дивите свињи.
Инаку и покрај редовниот лов, сепак голем број љубители на природата и земјоделци, потврдуваат дека бројот на дивите свињи во регионот е толку голем и не треба да чуди нивното влегување во селските ниви, бидејќи поради бројноста, се потешко доаѓаат до доволни количества на храна. Покрај исхраната, дивите свињи често и лежат во пченките и на делови од нивите направената штета е целосна.