Ова не е сигнал на здрава економија, пред сѐ е сигнал на изигрување на постојните закони за водење бизнис во Македонија и на некој начин е дел од сивата економија, објаснуваат упатените
Од 75.914 активни фирми во Македонија, 7.565 немале вработени иако остварувале годишен промет. Најголемиот број фирми без ниту еден вработен се мали фирми, но има и големи компании, кои, и покрај тоа што немаат вработени, остваруваат големи приходи и профити. Станува збор за фирми со нула вработени, создадени само од управител, кој, според категоризацијата на Државниот завод за статистика, не се смета за вработен.
Во Законот за трговски друштва и другите закони што го регулираат работењето на фирмите во Македонија не постои обврска колку и дали мора да има вработени во компаниите. Ова значи дека законите во Македонија дозволуваат во која било дејност да се регистрира фирма со нула вработени, при што фирмата треба да има само управител.
Тоа, според економскиот аналитичар Здравко Савески, значи дури 10 отсто од фирмите се фактички непостојни. Проблемот, како што вели, е во тоа што нивните управители не можат да ги затворат, поради комплицираната процедура што државата ја наложува во таквите случаи.
– Поради тоа, тие фирми продолжуваат долго време да фигурираат само на хартија. Ова посочува на друг, посериозен проблем – краткиот животен век на многу фирми. Огромен процент од фирмите во Македонија, над 90 отсто се фирми што имаат до 10 вработени. Многу од нив луѓето ги отвориле откако останале без работа (мали дуќанчиња) или имале нешто повеќе пари, па решиле да ги вложат и да си обезбедат подобра егзистенција – објаснува Савески.
Како што додава тој, важен дел од ваквите фирми многу брзо ги уништува конкуренцијата, тие влегуваат во долгови и се добиваат фирми што, поради долгови, не можат да бидат затворени, па фигурираат во статистиката како фирми со нула вработени.
– Ова бара и преиспитување на мерката од активните политики за вработување на Агенцијата за вработување, кредитирање за отворање свој бизнис, како начин за вработување на невработените лица. Треба да се види, на терен, колку преку оваа мерки невработените лица обезбедиле трајно решение за својата егзистенција или отвориле фирма со краток животен век, која донела заглавување во долгови и, статистички, дополнителен број на фирми со нула вработени – смета Савески.
Некои бизнисмени сметаат дека кога би се вовел закон каде што сопственикот, имателот, директорот или компанијата мора да има вработени, тогаш тоа би влијаело и на намалување на нелојалната конкуренција кај малите, големите и средните компании.
Претседателот на Конфедерацијата на бизниси на Македонија, Миле Бошков, се согласува дека оваа состојба е загрижувачка.
– Ова не е сигнал на здрава економија, пред сѐ е сигнал на изигрување на постојните закони за водење бизнис во Македонија и на некој начин е дел од сивата економија – вели Бошков.
Тој додава дека постојат разни начини на функционирање на фирмите во слободната пазарна економија и дека најважно од сѐ е дали тие ги почитуваат или ги изигруваат законите, како и дали на долг рок фирмата има перспектива за пораст или е од краток рок, односно за „специјална“ употреба.
Најголем број фирми без работници се од услужните дејности, 2.334, а без ниту еден вработен се и 1.211 фирми од трговијата на големо и на мало, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.