Комората на медијатори, која работи на алтернативно решавање на споровите со медијација, вчера потпиша договор за пристапување кон Сојузот на стопански комори на Македонија, како 34-та членка. Според претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, која се обрати на конференцијата, компаниите во медијацијата гледаат еден од начините за решавање на своите спорови на краток рок, без голем број трошоци со кои сега се решаваат споровите.
– Недовербата во судскиот систем се зголемува, владеењето на правото е еден од предизвиците на кои алармираат и меѓународните институции во извештаите, а судските постапки траат несразмерно долго, што е и причина за незадоволство кај деловната заедница. Веруваме дека институциите треба да преземат малку поголема одговорност за да ја подигнат свесноста, не само во деловната заедница туку воопшто кај сите, дека треба да се анимира пошироката јавност за значењето на медијацијата и зошто таа треба да се користи, не само во секојдневното работење на компаниите, туку и на граѓаните – истакна Арсовска.
Како што нагласи Славе Младеновски, претседател на Комората на медијатори, постапката за решавање на споровите со медијација, според закон, може да трае максимум 60 дена.
– Најчесто ниту еден предмет во постапка на медијација не траел повеќе од неколку разговори што ги имале страните во постапка на медијација. Од моментот кога ќе се обрати првата страна иницијатор до медијаторот да се реши предметот течат одредени законски рокови во траење од петнаесет дена, за кое треба да се изјасни втората страна. Технички гледано, тие можат да се состанат шеснаесеттиот ден и за неколку дена, кога ќе ги организира медијаторот на средба, да ги дефинираат своите интереси, за наредните ден-два може да се потпише спогодбата и има уште еден ден евентуално за заверка пред нотар доколку страните сакаат на документот да му дадат карактер на извршност, што значи дека целата процедура од активен ден на медијација не може да трае повеќе од пет дена. Во одредени предмети може да се случат неколку средби, но повторно тие се многу малку, речиси се неспоредливи роковите – истакна Младеновски.
Тој вели дека основното што ги мотивира страните што се во спор да го решат во постапка на медијација е интересот.
– Тие точно знаат кој е нивниот интерес и секогаш ќе се водат од него. Ќе гледаат постапката да биде кратка, да биде евтина и притоа двете страни да дојдат до решение од кое ќе бидат задоволни – објасни Младеновски.
На прашањето за колку би се намалиле трошоците на бизнисите доколку користат медијација, претседателката на СККМ вели дека тие се зголемуваат многукратно доколку се оди по редовна постапка.
– Разликата меѓу медијацијата и редовните спорови е долготрајноста на постапката. Времето во бизнисот и економијата е еден од најважните фактори и не секој го има тој луксуз на располагање да може да решава должничко-доверителски односи со години – вели Арсовска.
Според списокот објавен на сајтот на Комората и на Министерството за правда, официјално 43 медијатори се со лиценци. Е.Р.