Фото: Маја Јаневска-Илиева

Колкави стапки на економски раст од осамостојувањето досега остваруваше македонската економија? Дали тоа е доволно за да фатиме приклучок со европскиот просек на развој? Колкави стапки и колку време ќе ни бидат потребни за да ја достигнеме Европа? Како да го забрзаме економскиот раст и да го подигнеме животниот стандард на граѓаните на тоа ниво…? Ова се клучните сегменти од анализата на „Нова Македонија“ за досегашните перформанси на домашната економија, како и проекциите и можностите за во иднина. Во нашата анализа се вклучени мислењата на истакнати економисти, академици, бизнисмени, како и предлозите од неколку комори за тоа како да се подобри економијата во земјава

АНАЛИЗА КАКО ДО ПОУСПЕШНА ЕКОНОМИЈА (1)

Изминативе три децении од самостојноста, македонската економија бележи неповолен тренд. Нашата економија не успеа да се етаблира на начинот како групата земји што успешно излегле од транзицискиот период и ја поставиле економијата на здрава пазарна основа што генерира приходи. Македонската економија од осамостојувањето до денес остана заглавена во негативните показатели во сите економски сфери, со мали периодични подобрувања, но сепак без позначаен отскок и забележлив напредок.
Со едноставен, споредбен приод се извлекува заклучок дека економскиот раст на Македонија се соочува со сериозни проблеми во текот на целиот период од изминативе три децении. Тој е недоволен и нема соодветна динамика, со исклучок на неколку години во текот на средината од првата декада на овој век (2005-2008), кога просечната стапка на пораст изнесуваше 5,3 отсто, во текот на сите други периоди просечните стапки на пораст се постојано ниски или негативни.
Податоците покажуваат дека изминативе пет години домашната економија има различни стапки на раст, од 2,8 во 2016 година, па пад на 0,2 отсто во 2017 година, нов пораст во 2018 на 2,7 отсто, па 3,2 отсто во 2019 година, но и драстичен пад во пандемиската 2020-та на -4,5 проценти. Гледајќи ги стапките на „раст“ на домашната економија, во споредба со водечките земји на ЕУ, а и во споредба со европскиот просек, повеќе од очигледно е дека ние со нашите стапки на економски раст сѐ повеќе се оддалечуваме, а не се доближуваме до Европа.

Едноставната пресметка што ќе биде образложена подетално подолу во анализата е следна: просекот на БДП по жител во ЕУ е шест пати поголем од македонскиот. Од германскиот, пак, БДП по жител, нашиот е десет пати понизок. БДП во европските земји во просек расте трипати побрзо од домашниот. Така што, хипотетички земено, ако економскиот раст во ЕУ стагнира, па дури и да застане, нам би ни бил потребен минимум 6 отсто раст за да го достигнеме за педесетина години. Доколку растот во Европа продолжи со минимални стапки од околу еден до два проценти, нам во тој случај би ни требало веќе двоцифрена стапка на економски раст, за да го достигнеме нивниот просечен БДП по жител, за повеќе од стотина години. Заклучокот е дека сиот период Европа економски се оддалечува од нас и никако не е точна констатацијата дека ние имаме БДП што е 40 отсто од европскиот…

Гошев: Од две до три генерации двоцифрен раст за да ја достигнеме Европа

Економските аналитичари со кои се консултиравме потврдуваат дека со сите економски калкулации ќе покажат дека на Македонија ѝ се потребни високи стапки на раст од 6 до 10 отсто и само на тој начин можеме барем малку да почнеме да се доближуваме до стандардот на ЕУ. Следствено на тоа, тие потенцираат дека нашиот животен стандард драстично заостанува зад европскиот, што особено го чувствуваат граѓаните, кои најголем дел од своите средства ги трошат за основите намирници. Експертите укажуваат дека за раст на животниот стандард на граѓаните, на Македонија ќе ѝ бидат потребни поголеми и динамични стапки на економски раст, но и дека со сегашното темпо на раст ќе ни бидат потребни стотици години да го достигнеме европскиот животен стандард, а дека Европа дефинитивно се оддалечува од нас перманентно и сѐ повеќе.
И поранешниот гувернер Петар Гошев, за „Нова Македонија“ објаснува дека доколку се земе просекот за Македонија од осамостојувањето, односно за изминативе триесетина години, ќе ни бидат потребни многу децении, па дури и стотина години за да го достигнеме европскиот животен стандард.
– Просекот на растот на нашата економија во изминативе триесет години изнесува 1,7 отсто раст на БДП. Ако направиме груба пресметка, да речеме дека би растеле со исто толкава стапка и следните години, тогаш ќе ни бидат потребни трипати по триесет години за да го достигнеме европскиот животен стандард или, пак, од две до три генерации. Иако се ова груби пресметки, сепак, е јасно дека со сегашниот раст на нашата економија многу бавно го кратиме јазот меѓу нашиот и стандардот на граѓаните во Унијата, односно во развиените земји – вели Гошев.
Поранешниот гувернер укажува дека за да го забрзаме растот на домашната економија, а со тоа и да го подобриме животниот стандард на сите граѓани, неопходно ќе биде да се променат суштински и радикално многу сегменти во економските политики, но и да се подобри севкупниот начин на функционирање и размислување на граѓаните.
– Има многу предуслови што треба да придонесат за поголем раст на БДП и на животниот стандард. Почнувајќи од поставување јасно дефинирани цели, преку доследно спроведување на законите, беспрекорно функционирање на институциите, кои ќе ги поттикнуваат компаниите да работат поинтензивно, подобро… И не само институционалните политики туку едноставно е потребна промена на менталитетот на граѓаните, на сите и на оние што се на раководни функции, за да го забрзаме економскиот раст – укажува Гошев.

Фити: Ако и во иднина остваруваме просечни годишни стапки на раст од 2 до 3 отсто, на земјата ќе ѝ требаат до 35 години за да го дуплира својот БДП

Академикот Таки Фити истакнува дека Македонија е земја со ниска развојна перформанса – значително пониска од онаа на земјите во регионот. Според последните анализи што ги има правено тој за економскиот развој и предизвиците, просечната реална стапка на раст на бруто-домашниот производ (БДП) на земјата во периодот 1996-2017 година изнесува само 2,7 отсто и е далеку под потенцијалот на македонската економија. Тој вели дека фактички, од осамостојувањето на земјата до денес само во три години (2006, 2007 и 2008 година) биле остварени стапки на раст на нивото на потенцијалниот БДП.
– Прашањето за долгорочниот економски раст и развој има висока релевантност за секоја економија, бидејќи ако земјата остварува високи и одржливи стапки на економски раст, се подобруваат сите нејзини економски и социјални перформанси. Ова е така особено и поради општопознатото сознание на теоријата на економскиот раст дека мали, дури маргинални, занемарливи колебања во стапките на економскиот раст (од 0,5 или 1 процентен поен) имаат долгорочни последици врз економската моќ на една земја. Оваа констатација е во согласност со правилото 70, кое гласи дека ако бројот 70 се подели со просечната стапка на економскиот раст, се добива бројот на години за кои земјата ќе го дуплира својот БДП. Применето на случајот на македонската економија, тоа значи дека ако и во иднина остваруваме просечни годишни стапки на раст од 2 до 3 отсто, на земјата ќе ѝ требаат од 25 до 35 години за да го дуплира својот БДП. Ако стапките на раст, пак, се приближат кон потенцијалот на македонската економија (околу 5 отсто), периодот се скратува на 14 години – појаснува академикот Фити.
Неодамна Светската банка во својот најнов извештај за Западен Балкан посочи дека македонската економија годинава ќе порасне за 4,6 отсто, додека наредната година растот на БДП се проектира на 3,7 отсто, а во 2023 година на 3,4 проценти. Сепак, оваа година Македонија од земјите на Балканот има меѓу најниските стапки на раст, по нас е само Босна и Херцеговина, која се очекува да оствари раст на БДП од 4 отсто. Од земјите во регионот најголем раст СБ проектирала за Црна Гора, чиј БДП треба да се зголеми за 10,8 отсто, потоа Албанија 7,2 проценти, Косово 7,1 отсто и Србија 6 проценти.

Петранка Огнаноска
Катерина Михајлова

(Продолжува)