Потребен е даночен систем што ќе овозможи забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, констатира министерот за финансии Фатмир Бесими по одржаните состаноци со претседателите на стопанските комори, на кои се дискутираше за даночната реформа и за акцискиот план за годинава во однос на Стратегијата за реформа на даночниот систем за периодот 2021-2025 година.
Министерот Бесими ја истакна важноста од партнерството на Владата со приватниот сектор и порача дека покрај преземените мерки, важни се конзистентноста и инклузивниот процес со засегнатите страни при носењето на одлуките.
– Реформите на даночниот систем се во насока на воспоставување современ, транспарентен, ефикасен даночен систем што се заснова на јасни правила и принципи и ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст – истакна Бесими, притоа нагласувајќи дека даночниот календар ќе се објави на интернет-страницата на Министерството за финансии в понеделник, со што ќе се реализира едно од главните барања на коморите.
На состанокот, наедно, се дискутирало за приоритетите на Стратегијата за реформа на даночниот систем што се во насока на поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, намалување на неформалната економија, поголема даночна транспарентност, подобар квалитет на услугите и воведување еколошко (зелено) оданочување.