Прелевањето на наплатата на јавните давачки од трезорската сметка на сметките на органите на управата во деловните банки наведува на заклучок дека приходите од неданочни и парафискални давачки се со тенденција на постојан пораст како во апсолутните износи така и во однос на нивната бројност
Надоместок за управување со отпадна опрема, надоместок за стручна оцена (ревизија) на рударски проекти, надоместок за стручна оцена (ревизија) на изработена геолошка документација, надоместок за категоризација на угостителски објекти за сместување се само мал дел од новите такси и давачки што им се наплаќаат на компаниите, а кои беа воведени по 2014 година. Истражувањето изработено од Стопанската комора на Македонија на тема „Неданочните и парафискални давачки како оптоварување на правните субјекти во Република Македонија“ покажало дека во периодот по 2008-та, односно по 2014 година се воведени голем број нови давачки.
Имено, во групата „Други даноци“ од 2008 до 2016 година се воведени 18 нови давачки, со кои дополнително се оптоварени пред сѐ правните лица, а нивната наплата во 2016 година изнесува околу 14 милиони евра.
Во периодот од 2008 до 2016 година се воведени 41 нова неданочна давачка, од кои најголем дел е воведен во 2014 година (23), а со нивното воведување се наплатени повеќе од 5 милиони евра во 2016 година.
Од 2008 до 2016 година се воведени 25 нови глоби по посебни прописи, а само по основа на новите глоби се наплатени повеќе од 50 милиони денари, или околу 820.000 илјади евра.
Поради висината и големиот број новововедени давачки, од Комората велат дека е неопходно „аргументирано да докажат дека намалувањето и рационализацијата на неданочни и парафискални давачки е неминовен процес, со цел создавање поволен деловен амбиент во Република Македонија, со што би се овозможил пораст на приватниот сектор, кој би бил двигател на економскиот развој“. Од Комората укажуваат и дека наплатата на овие давачки се одвива дел на трезорска сметка во рамките на буџетот на Република Македонија, а друг дел на сметките што се отворени во деловните банки и за кои не постои единствена евиденција на централно ниво. Па, така, наплатените приходи се приходи на поединечни органи, организации, агенции, како на пример на Централниот регистар на РМ, на Агенцијата за енергетика, на Агенцијата за електронски комуникации или, пак, на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, јавните претпријатија или разни бироа.
Со Правилникот за класификација на приходите, донесен како подзаконски акт од Законот за буџетите во ставката на „Други даноци“, вклучени се даноци на специфични услуги, комуналните такси и надоместоци, надоместоци и такси за дозволите за вршење дејност и таксите за моторните возила, кои за целите на ова истражување се третирани како неданочни давачки.
– Даночниот систем во Македонија оставил неограничен простор со разни секторски закони, подзаконски акти, одлуки на локалните власти, одлуки на управните одбори, на агенциите или одборите на јавните претпријатија, да се воведуваат разни давачки што тешко се контролираат, па Министерството за финансии не може да има комплетна слика и контрола врз овој систем во нашата земја – вели в.д. оперативниот директор при Стопанската комора на Македонија, Анета Трајковска.
Меѓу другото, со истражувањето било утврдено дека има прелевање на наплатата на претходно воспоставени надоместоци, и тоа од буџетската сметка кон сметките што разни органи на управата ги имаат во деловните банки.
– Постоењето на сопствени приходи во системот остава простор за создавање непознат број надоместоци, такси, давачки и константно тежнеење да се излезе од системот на трезорот и буџетот, за да може така собраните средства да се користат со што помала контрола. Тоа за бизнисот е непредвидливост и зголемена можност за нивен континуиран пораст. Ова прелевање на наплатата на јавните давачки од трезорската сметка на сметките на органите на управата во деловните банки наведува на заклучок дека приходите од неданочни и парафискални давачки се со тенденција на постојан пораст како во апсолутни износи, така и во однос на нивната бројност. Извештаите преземени од буџетот во одредени делови покажуваат тренд на намалување на приходите – објаснува Трајковска.
Надоместокот за управување со отпадна опрема го плаќаат увозниците
Со Законот за управување со електрична и електронска опрема и со отпадна електрична и електронска опрема е воведен и надоместок за управување со отпадната опрема. Како што пишува во законот, производителот што пушта опрема на пазарот во Република Македонија, како и производителот што како краен корисник увезува опрема во Република Македонија, е должен да плати надоместок за управување со отпадна опрема.
Надоместокот на овој член изнесува:
1) голем домашен апарат 50 ден./кг.
2) мал домашен апарат 80 ден./кг.
3) опрема за информатичка технологии и телекомуникација 60 ден./кг.
3.1) монитор 70 ден./кг.
4) опрема на широка потрошувачка и забавна електроника 60 ден./кг.
4.1) телевизиски апарати 90 ден./кг.
5) опрема за осветлување 80 ден./кг.
5.1) флуоресцентни, компактни и други светилки 120 ден./кг.
6) електричен и електронски алат 100 ден./кг.
7) електрични и електронски играчки и опрема за забава и спорт 100 ден./кг.
8) медицински апарати 100 ден./кг.
9) инструменти за следење и контрола 100 ден./кг.
10) автомати 50 ден./кг.
Надзорот на пресметаниот и уплатениот надоместок, ослободувањето од плаќање на надоместокот, како и почитувањето на роковите за уплатување на надоместоците ги врши Државниот инспекторат за животна средина преку државните инспектори за животна средина.