Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОБЈАВАТА НА НОВАТА ВЛАДИНА МЕРКА ГИ ВОЗНЕМИРИ И ГРАЃАНИТЕ И БИЗНИСМЕНИТЕ

Упатените укажуваат дека со одлуката за воведување на еколошката такса не е проблематична само опасноста од инфлација, која можеби нема да биде толку висока, туку воопшто целиот систем на даночење на граѓаните, со кој најмногу средства се собираат од најсиромашните

Нѐ очекува ли нов бран поскапувања како резултат на воведувањето повисока еколошка такса, која, според најавите, од први јули ќе изнесува 3,5 денари за сите видови горива, без оглед на староста на возилата, е прашањето што подеднакво ги растревожи и граѓаните и бизнисмените, во чии производи и услуги голем удел имаат и цените на горивата. Владата веќе пресмета дека само за шест месеци од оваа давачка ќе соберат дополнителни 27,4 милиони евра во буџетот. Премиерот Зоран Заев, при соопштувањето на оваа одлука, им препорача на граѓаните да возат велосипеди, тротинети и електрични возила, и објасни дека оваа такса се воведува за заштита на животната средина. Очекувано е ова поскапување, кое со ДДВ ќе достигне 4,13 денари по литар бензин, да повлече и поскапување на други производи, особено ако повисоките цени се вкалкулираат во транспортните трошоци на фирмите.
Во Македонија веќе се чувствува раст на цените на производите, но надлежните убедуваат дека инфлацијата сепак ќе остане до два проценти.

Упатените укажуваат дека со одлуката за воведување на еколошката такса не е проблематична само опасноста од инфлација, која можеби нема да биде толку висока, туку воопшто целиот систем на даночење на граѓаните и потенцираат дека со ваков даночен систем повеќе средства се собираат од сиромашните граѓани.
– Проблемот со воведувањето на поголемата еколошка такса е повторно поврзана со целиот даночен систем, и во одлуката што треба да ја полни државната каса. Со оваа мерка не дека е проблематично тоа што треба да се одвојат пари за чистење на почвата и воздухот од загадување, туку начинот на кој истата таа се собира.
Прашањето е кој треба да плаќа за полнење на државната каса. Додека беа во опозиција, сегашните владини претставници потенцираа дека даночниот систем ќе го променат и ќе се полни буџетот повеќе со пари од богатите. Но сега, четири години како се на власт, се продолжува со истите политики од претходните гарнитури и се воведуваат мерки што најтешко ги погодуваат сиромашните слоеви. Ова дејствува како ад хок решение, бидејќи државната каса е празна, а од друга страна сега е модерно да се зборува за екологија, иако ништо не се прави за екологијата – посочува поранешниот гувернер Петар Гошев.

Тој потенцира дека поради пандемијата буџетската каса не се полни во согласност со плановите и мора да се изнајдат начини за нови приливи, без притоа да се води сметка кој ќе плаќа. Смета дека новите трошоци транспортерите ќе ги вкалкулираат во цените, што, пак, ќе се одрази и врз цените во малопродажба.
– Иако се пренесе дел од поскапувањето, сепак, нема голема опасност од инфлација. Она што е најпроблематично е што ќе се одрази врз граѓаните, особено посиромашните, што е спротивно на она што владејачката партија го прокламираше во предизборниот период, која наместо како што велеа да земаат од богатите, тие го прават спротивното – потенцира Гошев.

Дека еколошката такса ќе предизвика пораст на цените на горивата сметаат и претставниците на стопанството, кои додаваат дека би требало оваа такса да ги мотивира граѓаните и фирмите да ги заменат горивата со помалку загадувачки опции.
– Еколошката такса на горивата сигурно ќе предизвика пораст на цените на горивата. Овој потег на Владата може да се гледа од два аспекта. Првиот аспект е грижа за животната средина. Повисоката цена ќе треба дестимулативно да влијае на користењето на фосилните горива и да ги мотивира граѓаните и фирмите да извршат замена на овие горива со некои што не загадуваат. Така на пример, при загревањето на просториите лесно би биле заменети горилниците на нафта со горилник на гас, а онаму каде што гасот сѐ уште не е присутен со горилник на пелети. Во индустријата на пример кај пекарниците исто е возможна одредена замена на нафтените деривати со други еколошки горива, но ќе биде потребно компаниите да добијат одредени субвенции за додатните инвестиции во нова опрема, слично како кај домаќинствата. На овој начин компаниите нема да ја изгубат својата конкурентност, а воведената такса позитивно ќе влијае на борбата за почиста животна средина – вели Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организација на работодавачи на Македонија (ОРМ).

Димитров додава дека другиот аспект е влијанието врз цените на одредени продукти во малопродажбата и цените на транспортните услуги.
– Бидејќи во земјава не успеавме добро да го контролираме субвенционирањето преку екстра лесното масло, а и кај зелената нафта за земјоделците имаше некои недоразбирања, препораките на сите се дека не треба да има субвенционирана цена на нафтата бидејќи многу се злоупотребува. Во таков случај, можен е одреден пораст на цените на некои продукти, но сметам дека тоа нема да биде во таков обем за да предизвика некаква инфлација – заклучува Димитров.

Професорот Томе Неновски, пак, појаснува дека во земјава веќе се чувствува инфлација, која особено е изразена кај одредени производи, но додава дека истата таа е присутна во цел свет.
– Во последните месеци во Македонија се забележува благо зголемување на инфлацијата. Таквите движења, впрочем, се забележуваат и во поголем дел од светот. Се разбира, главна причина за тоа се последиците од здравствената криза, која предизвика намалување на понудата на стоки и услуги и со тоа зголемување на цените. Сепак, опасностите од натамошна инфлација не се смеат да се занемарат, особено ако дојде до повторно зголемување на цената на електричната енергија. Тоа може многу силно да се одрази врз цените на поголем дел од домашните производи во чие производство енергија, како влезен трошок, има високо учество. Во такви услови ќе биде потребна енергична интервенција на Народната банка со употреба на расположливите инструменти, во насока на одредено заострување на монетарната политика и остварување на нејзината главна цел – одржување стабилност на цените. Верувам дека така ќе се случи и дека до крајот на годината збирната инфлација во земјата нема да ја надмине проектираната стапка на пораст од околу два отсто – вели универзитетскиот професор Томе Неновски.


Ќе се намалува ДДВ за електричната енергија, но само до 2024 година

Владата најави дека ќе предложи намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) од 18 на 5 проценти на сметките за потрошената електрична енергија од први јули. Ова го посочи премиерот Зоран Заев, најавувајќи дека на овој начин сакаат да се амортизира ударот од поскапувањето на електричната енергија, што станува сѐ поизвесно.

Сепак, намалувањето на ДДВ-то ќе биде за одреден период, бидејќи повторно зголемување на стапката на ДДВ ќе има од следната година, односно стапката од пет проценти ќе важи до јули в година, кога ќе се зголеми на 10 отсто. Стапката од 10 отсто ќе се задржи до јули 2023 година. Додека, пак, во 2024 ДДВ ќе се врати на 18 проценти.

Премиерот посочи дека не може да гарантира дека данокот ќе се намали од јули бидејќи не може да гарантира дека нема да биде блокиран законот во Собранието.
– Сите работи не зависат само од мене. Сега цената на струја на берза е зголемена до 75 долари, а ние, во моментов на излезот од корона-кризата сакаме да ваков начин да осигуриме дека нема да има покачување за граѓаните да не почувствуваат. Гледаме дека тоа го предлага и опозицијата, добро е што се согласуваме – кажа Заев


„Макам-транс“: Еколошка такса и за возилата
со највисоките еуро-стандарди?!

Претставниците на асоцијацијата „Макам-транс“, репрезентативен преставник на превозни трговски друштва, посочуваат дека не се направени консултации со нив во однос на одлуката на Владата да се зголеми еколошката такса, која е составен дел на цената на горивата и се движи во рамките на минимални износи од 0,6 до 0,8 денари зависно од видот на горивото.
– Од 2009 година до сите влади имаме доставено барање за спроведување проект за помош и поддршка на превозните трговски друштва преку фондовите на ЕУ за замена на застарените возила по примерот на државите-членки на ЕУ, за жал, оставени сме сами на себе и сепак успеавме во државата да се внесат и регистрираат над 5.500 возила со еуро 5 и 6 стандард, кои сега треба да плаќаат еколошка такса иако се возила со највисок еуро-стандард што се бара на територијата на Европа.

Воведувањето еколошка такса преку погонското гориво значи казна за сите превозни трговски друштва, кои и сега веќе се задолжени во банките и лизинг-компаниите за да можат да купат еколошки возила и да бидат конкурентни на европскиот пазар. Превозниците немаат можност да ја заменат нафтата и да поминат на користење зелена енергија и да превезуваат стока со други превозни средства, за ова треба време и поддршка на државата во соработка со производителите на возила, кои предвидуваат во некое идно време 10-15 години да има масовно производство на електронски товарни возила и воспоставување на инфраструктура за истите тие – истакнуваат од „Макам-транс“.

Тие потенцираат дека еколошката такса може да се воведе на друг начин и да претставува стимулативно средство за сите превозници и граѓани како што е во Германија.
– По примерот на државите-членки на ЕУ може да се воведе плаќање патарина според еколошкиот стандард на возилата, со што ќе се намалуваат штетните издувни гасови на сите возила што имаат од еуро 3 до еуро 0 стандард, но подеднакво ќе бидат опфатени без никаква дискриминација и домашните и странските превозници. Овој начин на наплата на патарина одамна се спроведува во сите држави на ЕУ и постојат едноставни системи за препознавање на возилата и официјални документи за докажување на еуро-стандардот на возилото. Сметаме дека Владата треба да ги преиспита своите ставови и да организира широка дебата со сите засегнати страни, а особено со преставници на превозниците, сѐ со цел да се изнајде решение што нема да ги оптоварува сите подеднакво како што беше и случајот со зголемувањето на акцизата на горивото во периодот на пандемија („антикризна мерка“), која сега од февруари 2021 година стана дел од Законот за акцизи. Сите превозници од државите-членки на ЕУ и Србија во согласност со законските одредби имаат право на враќање дел од акцизата платена со набавка на гориво, дури и реципрочно право да бараат поврат и од држави различни од регистрацијата на возилото исто како и правото што го имаат по основа на платен ДДВ – објаснуваат од „Макам-транс“.

Од асоцијацијата велат дека е доставена анкета до превозниците за да ги дознаат финансиските импликации од мерката и нивните размислувања во однос на чекорите што треба да се преземат, сѐ со цел да не се дозволи товарот на сите реформи да одат преку нивни грб.
– Во државата има микро, мали и неколку средни превозни трговски друштва, што значи дека во услови на заживување на стопанството од пандемијата на ниво на Европа и воведување вакви високи давачки по разни основи, ќе значи затворање на голем број од истите тие, оставање голем број семејства без егзистенција. Бараме средба со министрите за надминување на проблемот и изнаоѓање друг начин за прибирање средства во фондот за еколошки развој – додаваат од асоцијацијата.