Отворени за соработка со нашите соседи, Грција и Србија, кои се дел од Коридорот 10 и со сите други заинтересирани страни, одговараат од Владата на поканата на српската министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, Македонија и Грција да се вклучат во изградбата на брзата пруга по должината на коридорот
Ќе забрзаат ли возовите по македонските пруги? Понудата на соседна Србија за вклучување во проект за брза железница од Будимпешта до Србија, а од таму и низ Македонија до Грција, за македонските власт е добредојдена, а секако и за развојот на железничкиот превоз во земјава.
Неодамна српската министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, најави дека партнерите во изградбата на брзата пруга Белград – Будимпешта ќе им понудат и на Северна Македонија и на Грција да се вклучат во овој проект.
Претставниците од Влада иако не откриваат детали, сепак велат дека секое подобрување на превозот по Коридорот 10 е добредојдено и се подготвени за соработка со соседите.
– Пругата е стратегиски важен проект за изградба на железничката инфраструктура. Тоа е витален дел од унапредувањето на Коридорот 10 и зајакнување на паневропските коридори. За ова прашање сме отворени за соработка со нашите соседи, Грција и Србија, кои се дел од Коридорот 10 и со сите други заинтересирани страни – ни одговорија накусо од владините служби.
Српската министерка Михајловиќ, пак, подетално го објасни планот.
– Не е доволно да имаме само модернизирана пруга по која ќе се вози со 200 километри на час од Белград до Будимпешта, особено ако тоа го немаме низ целата делница, бидејќи овој проект е дел од проектот „Еден појас, еден пат“. Се надеваме дека ќе има интерес и тоа, всушност, би бил вистински коридор – истакнала Михајловиќ за Радио Телевизија Србија.
Таа додаде дека во интерес на Србија е да ги натера сите да бидат дел од овој проект.
Српската министерка изјави дека вредноста на оваа железничка пруга од Белград до границата со Унгарија изнесува околу две милијарди долари, а целата пруга до Будимпешта чини околу четири милијарди долари, како и дека тоа е најголемиот инфраструктурен проект во овој дел на Европа.
Во македонската железница во последниве години беа преземени повеќе мерки за подобрување на состојбата, вложени се многу средства во обнова на пругите, а беа набавени и нови локомотиви и вагони, но и понатаму состојбите во железничкиот превоз се лоши. Последните години имаше намален превоз и на стока и на патници.
За подобрување на состојбите во железницата, експертите укажуваат дека треба да се воспостават побрзи и поквалитетни услуги и да се воведат дополнителни услуги со кои железницата ќе стане атрактивна.
– Според студии од релевантни меѓународни институции и здруженија, железничкиот превоз е најисплатлив, ако се користи за транспортни растојанија од над 300-400 километри или, пак, ако се користи на помали растојанија со голема концентрација на луѓе и потреба од масовен превоз на товар – истакна професорот Зоран Кракутовски, од Градежниот факултет во Скопје, при Катедрата за железници.
Тој објасни како на неколку начини може да се подобри состојбата со железничкиот транспорт во Македонија. Освен на потребата за поврзување и воведување меѓународни линии по македонските пруги, тој посочува и дека железничкиот превоз може да се користи и за побрз транспорт на патници и стока кон и од градовите во близината на Скопје, како Тетово, Куманово и Велес.
– Ефектот на затворена држава, која не е членка на сојуз, како Македонија, каде што на само двесте километри имате две големи контроли, е штетен за железницата. Во европските земји контролите се сведени на минимум, возовите патуваат на поголеми растојанија, без да застануваат на границите – додава професорот, посочувајќи дека мора да се работи и на елиминирање на бирократските бариери на границите и намалување на времето за преглед на возовите на минимално, за побрзо патување на стоката и на патниците низ земјава.