Енергетскиот сектор и рентабилното работење на најголемиот електро енергетски комбинат во државата, е главен приоритет за Владата на премиерот Зоран Заев, изјави министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, која денеска престојуваше во РЕК „Битола“ каде што имаше средба со раководството на Комбинатот.

-Ние како Влада рековме дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија воопшто нема да влијае за покачување на цената на електрична енергија и таквото ветување го исполнивме. Воедно со издвојувањето на над 20 милиони евра за ревитализација на електростатските филтри, на најдобар начин покажавме дека и те како размислуваме за подобрување на животната средина, рече Шеќеринска.

Првиот човек на РЕК „Битола“ Васко Ковачевски истакна дека изминатиот период Комбинатот бележи извонредни резултати како за подобрувањето на производството, така и на големите заштеди кои ги остварува и продажбата на вишоците на електрична енергија.

-РЕК „Битола“ во изминатите неколку месеци го натфрли производството на електрична енергија за над 16 отсто, а бележи извонредни резултати и во однос на производството од минатата година – рече Ковачевски.

Тој истакна дека понатаму ќе бидат вложени над 20 милиони евра и за ревитализација на електростатските филтри како и за ревитализација на разладните кули.

М.М.