Фото: Игор Бансколиев

Десет отсто од поднесените рекламации за поштенските услуги се за пречекорување на рокот за достава и 90 проценти за оштетена односно намалена содржина на пратката. Вкупниот број рекламации во однос на остварениот обем е многу мал, ниту 1 отсто, поради што се смета дека граѓаните не се запознаени со своите права

Изгубени поштенски пратки, пречекорување на рокот за достава или оштетена содржина на пратки се само некои од поплаките со кои граѓаните се обратија во нашата редакција револтирани од лошата услуга што ја добиваат, кога станува збор за испорака на писма или, пак, на стока што ја порачале преку интернет. Повеќето од граѓаните што се обратија кај нас посочуваат дека проблеми со испорака на писмата имаат кога истите тие треба да им бидат доставени од „Македонска пошта“, единствената компанија што има право да дистрибуира писма со тежина до 50 грама.

– На корисниците на поштенските услуги им нудиме информации за начинот на функционирање на поштенскиот сообраќај, но им укажуваме и на нивните законски права и обврски, насочувајќи ги полесно да ги остварат. Граѓаните најчесто се жалат поради доцнење на обичните писма, како што се сметките, известувањата и слично, кои им се испратени од големите испраќачи на пошта поточно од мобилните оператори, комунални претпријатија, банки, осигурителни компании и друго – вели директорката на Агенцијата за пошти, Билјана Аврамоска Ѓореска.

Податоците на Агенцијата за пошти покажуваат дека најголем број од рекламациите од корисници се адресирани до „Македонска пошта“. Но од агенцијата истакнуваат дека тоа е сосема очекувано со оглед на фактот што „Македонска пошта“ има 94,3 проценти удел на македонскиот поштенски пазар, а 80 отсто од нејзиното работење е засновано на услуги за обични писма, кои се доставуваат во поштенски сандачиња. Статистичкиот извештај за 2018 година, изработен од Агенцијата за пошти, покажува дека има околу 3.000 рекламации поднесени до „Македонска пошта“ од незадоволни граѓани при остварен обем од 35 милиони поштенски пратки.

– Поднесените рекламации се 10 проценти за пречекорување на рокот за достава и 90 за оштетена односно намалена содржина на пратката. Односно, од 3.000 рекламации, 90 проценти се однесуваат на рекламации за препорачани пратки. Ценејќи дека вкупниот број рекламации во однос на остварениот обем е многу мал, ниту 1 отсто, се смета дека граѓаните не се запознаени со своите права. Основниот инструмент што граѓаните и правните лица, кои испратиле пратка преку „Македонска пошта“, може да го искористат е рекламацијата, која е бесплатна. Таа се поднесува писмено на кој било од шалтерите во рок од 3 месеци откога корисникот ја испратил пратката, а „Македонска пошта“ е должна откако низ внатрешните процедури ќе испита што, всушност, се случило со конкретната пратка, во одреден рок да му одговори на подносителот – појаснува Аврамоска Ѓореска.

Фото: Архива

Извештаите на Државниот завод за статистика покажуваат дека во изминативе години има постојан пад на количеството на пратките, а според многумина една од причините за опаѓање на овие услуги е и недоволниот квалитет на обезбедување на поштенските пратки. Поради ваквата состојба од Сојузот на стопански комори апелираа што побрзо да се спроведе либерализацијата на овој пазар, и истакнуваат дека со конкуренција ќе се подобри услугата за граѓаните.

– За да се намалат поплаките од крајните корисници, потребна е имплементација на нови трендови за брзина и сигурност на поштенските текови како прв чекор за навремена достава на пратките. Примената на иновации и нови практики во секторот поштенски услуги е од големо значење за развој на компаниите од оваа област. За клиентите најбитна е навремена и сигурна достава на пратки и токму кон тоа треба да се стремат операторите – изјави Александар Милошевски, потпретседател на Сојузот на стопански комори.

Според Законот за поштенски услуги, ексклузивно право да дистрибуира писма до 50 грама има „Македонска пошта“ до крајот на 2019 година, иако Македонија се обврза уште во 2007 година, со донесување на Стратегијата за развој на поштенските услуги, да воведе целосна либерализација на поштенскиот пазар и да создаде недискриминаторски услови за работа за сите субјекти на пазарот.

– Либерализација на пазарот на поштенските услуги треба да настапи од 2020 година со која ќе се укине ексклузивното право на „Македонска пошта“ и ќе овозможи сите даватели на поштенски услуги да работат на пазарот и да обезбедуваат услуги под еднакви права и обврски. Во услови на либерализиран пазар, корисниците одлучуваат кого ќе го одберат, зависно од можностите да одговори на барањата и зависно од квалитетот, брзината, точките за пристап, како ги решава проблемите. Сметаме дека либерализацијата на поштенскиот пазар во Република Северна Македонија ќе ја раздвижи конкуренцијата и ќе донесе значителни поволности за корисниците на поштенските услуги во смисла на поразновидни, современи услуги кои истовремено ќе бидат и подостапни – додава директорката на Агенција за пошти.

Од агенцијата додаваат дека од своето формирање во 2008 година работат на креирање еднакви услови за сите даватели на поштенски услуги. На пазарот работат 37 даватели на поштенски услуги, а во 10-годишниот период се издадени над 60 дозволи за работа на субјекти што биле заинтересирани да работат на овој пазар, но некои од нив го напуштиле. Ова, според директорката на Агенцијата, значи дека интерес за овој сектор постоел и ќе постои, а со либерализацијата очекуваат да се зголеми конкуренцијата на пазарот.

[email protected]


Рекламација за неиспорачана пратка

Во согласност со законот давателот на поштенските услуги е должен да прими рекламација и да одговори на истата во рок од 30 дена за поштенски пратки во внатрешниот поштенски сообраќај и во рок од два месеца за пратки во меѓународен поштенски сообраќај. Доколку е незадоволен од одговорот, корисникот може да поднесе приговор до Агенцијата за пошта во рок од 15 дена од приемот на одговорот. Исто право има и корисник кога му е оневозможено да поднесе рекламација или во законскиот рок не добил одговор.

– Доколку се утврди дека рекламацијата е оправдана, за препорачаните пратки и пратки што имаат вредна содржина, поштенскиот оператор е должен да го обесштети испраќачот што платил поштарина за услугата. Со оглед дека паричните обесштетувања не се воопшто мали и достигнуваат до 15 пати од платената поштарина за пратката или, пак, целосно надоместување на вредноста на содржината во пратката, во Агенцијата за пошти сме задоволни од законските гаранции, кои се воспоставени во интерес на корисниците – вели Аврамоска Ѓореска.

Директорката појаснува дека во агенцијата, корисникот може да приговори само доколку претходно ги исцрпел правата кај поштенскиот оператор. Додава дека тоа се класични претставки за начинот на работење на операторите, на кои Агенцијата за пошти во даден законски рок им одговара или одлучува за остварување на правата на испраќачите на пратки. Агенцијата решава по управниот приговор во рок од 30 дена од денот на приемот.

Истакнуваат дека поштенскиот оператор секогаш не е виновен за доцнење на месечните сметки на граѓаните. Појаснуваат дека заради подготовката на голем обем на писма, предавањето на пратките на операторот може да се одвива во неколку дена, во одреден период од месецот или поинаку според барањата на испраќачите на масовна пошта. Додаваат дека исто така има многу проблеми со погрешно адресирани пратки поради миграциските процеси кај населението, има населени места без уличен систем, а многу од граѓаните немаат поставено поштенски сандачиња или истите тие се необележани и неисправни, па сето тоа влијае и на брзината и на сигурноста на доставата.