Граѓаните за шест месеци наплатиле 4,6 милиони евра од животното осигурување. Истовремено, во полиси за осигурување живот, граѓани и компании (за нивни вработени) вложиле 14,8 милиони евра, или 9,6 отсто повеќе од истиот период во 2020 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).
Според АСО, пет осигурителни компании им исплатиле 281,3 милион денари за осигурување живот на свои осигуреници во првите шест месеци годинава. Во споредба со истиот период лани, исплатените износи (бруто-исплатени штети -БИШ) за осигурување живот што осигуреници ги наплатиле се зголемени за 42 отсто, односно 1,36 милион евра.
Осигурителните полиси за осигурување живот, во зависност од условите на договорот т.е. полисата, покриваат ризици од смрт и инвалидитет, но наедно и многу често може да бидат и начин на штедење. Притоа осигуреникот освен вложените средства, може да добие и дел од приносот (камата) на вложените средства.
Најголемо учество во вкупната исплата имаат полисите за животно осигурување кај кои осигуреникот добива и дел од приносот (камата) на вложените средства. По таа основа во првото полугодие годинава се исплатени 245,9 милиони денари.
Значајно за истакнување е тоа што во овој период компаниите им исплатиле 86,77 милиони денари на осигуреници што одлучиле пред истекот на договорениот рок за осигурување да ги повлечат своите вложени пари (таканаречен „откуп на полиса“). Во споредба со истиот период лани, овој износ годинава е повисок за 36 отсто. Откупот на полиси во практика може често да се случи доколку осигуреникот добие подобри услови за вложување во некоја од конкурентските компании за осигурување живот.
Кај најбрзорастечкиот од продуктите на осигурување живот т.н. јунит линкд, кога осигуреникот го прифаќа ризикот од вложување во удели на инвестициски фондови, има тенденција на раст на исплати. За првите шест месеци годинава иматели на вакви полиси наплатиле 10,46 милиони денари (170.000 евра), а тоа е за 91 отсто повеќе од истиот период во 2020 година.
Во првите шест месеци годинава граѓани и компании вложиле 908 милиони денари (14,76 милиони евра), или 9,6 отсто повеќе од истиот период лани.