Незадоволни лозари синоќа протестираа пред винарската визба „Тиквеш“ поради промената на условите за откуп на грозјето.
Насобраните луѓе го фрлаа грозјето пред винарницата, додека дел од нив се обидуваа да пробијат внатре во објектот, пред кој имаше полиција. Претходно лозарите во текот на попладнето истурија неколку трактори грозје пред винарницата.
Од „Тиквеш“ соопштија дека винарницата е принудена да го прекине откупот на грозјето поради блокадата од страна на поединци, за кои тврдат дека манипулирале со квалитетот на грозјето.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој ги придружуваше незадоволните лозари, ги покани советниците од регионот како и градоначалници, пратеници и министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа, или друг претставник од министерството, денеска да дојдат во неговиот кабинет на средба во 11 часот.