Во текот на минатата пандемиска година градежните активности во странство, кои биле изведени од домашните градежни компании, бележат пад од 42,7 отсто во споредба со 2019 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика
Значителен пад на градежните активности во странство бележи Државниот завод за статистика во текот на минатата 2020 година. Податоците покажуваат дека во периодот јануари – декември 2020 година, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 211.913 илјади денари, што е за 31,1 отсто помалку во споредба со претходната година.
– Во наведениот период, градежната оператива од Република Северна Македонија во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 162.755 илјади денари, што е за 42,7 проценти помалку во споредба со истиот период од претходната година – посочуваат од Државниот завод за статистика.
Податоците покажуваат дека најголем дел од градежните работи минатата година биле договорени и извршени во Германија, по што следуваат Црна Гора, па Босна и Херцеговина, Косово и Бугарија.
Претставниците на Стопанската комора на Македонија истакнуваат дека домашните градежни претпријатија имаат богато искуство во повеќе земји, но сепак се бележи пад на градежните активности надвор од земјава, што е резултат и на пандемијата, но и на други фактори.
– Домашните градежни претпријатија имаат стекнато високи референци во проектирање и изведување инвестициони работи во земјите на Блискиот Исток, Русија, Украина, Албанија, Бугарија, Германија, Чешка, Србија, Црна Гора и други земји. Меѓутоа, во последните години се забележува пад на извршените градежни работи во странство, а градежните компании претежно се присутни во земјите од регионот, пред сѐ во Босна и Херцеговина и Црна Гора. Покрај пандемијата, ваквите состојби се должат на повеќе фактори. Брзиот тренд на глобализација влијае врз настапот на градежните компании на регионалниот и меѓународниот пазар. Работата во странство зависи од условите и критериумите предвидени во тендерските документации за проектите, но и од референците, квалификуваниот кадар, технолошките ресурси и опрема со кои располагаат домашните компании – посочуваат од Стопанската комора.
Оттаму додаваат дека членките на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите, кои се дел од СКМ, имаат потенцијал за настап на странските пазари, имајќи ги предвид акумулираното искуство и капацитетите со кои располагаат. Сепак, додаваат дека за поголема присутност е потребен стратегиски пристап и определување сет мерки за поддршка во соработка со надлежните институции.
– Таквите мерки би можеле да вклучуваат развивање на економската дипломатија и ставање на институционалниот потенцијал во функција на промоција на капацитетите и интересите на компаниите, регионално вмрежување, формирање гарантни фондови и слично. Значајно е и развивањето стратегии од страна на самите компании и подготвеност да се справат со конкуренцијата на странскиот пазар. Здружувањето и развојот на технологијата би претставувале само придобивка и би ги зголемиле можностите за доделување и реализација на значајни проекти. Работата на компаниите во странство, покрај препознатливост и афирмирање на македонското градежништво, нуди повеќе придобивки за домашната економија, вклучувајќи развој, пренесување знаење и стекнување искуство што компаниите би го пренеле на домашниот пазар. Дополнително би го поттикнала растот на домашната економија со оглед дека би повлекла и поголем ангажман на домашната работна сила, градежни материјали и ресурси – додаваат од СКМ.
Претставниците од градежната фела велат дека врз намалувањето на работата во странство влијаат високите банкарски гаранции, но и заминувањето или иселувањето на градежници со искуство.
– Значително е намален обемот на работа во странство, има неколку фирми што сѐ уште работат и надвор од Македонија. Некои од причините, според моите сознанија, се високите банкарски гаранции што треба да ги обезбедат градежните компании, но и процесот на вадење дозволи за работа и други услови што компаниите тешко ги исполнуваат најмногу поради фактот што кај нас сега доминираат помали фирми. Од друга страна, голем проблем е што веќе немаме ниту компетентни луѓе со капацитет да истуркаат поголеми или посериозни проекти. Најголем дел од квалификуваниот работен кадар замина во поразвиените земји – посочи градежникот Никола Велковски.