Голем интерес кај граѓаните за приватизација на државното земјиште, откако минатата година беше дадена нова можност да се поднесуваат барања, беше истакнато денеска на средбата помеѓу заменик министерката за финансии Ширет Елези и директорката на Управата за имотно-правни работи Шасине Касами. Како што се наведува, над 9.000 барања се поднесени во овој период, а исто така забрзано се работи на решавање на сите поднесени предмети, со околу 11.400 нови решени предмети.
Заменик министерката Елези рече дека давањето на нов рок до крајот на 2021 за поднесување на барања за приватизација, било во насока да се излезе во пресрет на граѓаните кои после истекување на рокот во 2014 година не можеле да си го приватизираат земјиштето.
– Го продолживме рокот до крајот на 2021 година. Согласно податоците и новоподнесените барања во Управата за имотно-правни работи се гледа дека има интерес кај граѓаните и дека продолжувањето на рокот е основано – рече Елези и додаде дека е најважно да има и добра динамика на решавање на поднесените предмети.
Директорката Касами информираше дека забрзано се работи на решавање на предметите, како новоподнесените така и стари предмети. Нагласи дека повеќе од три четвртини од вкупно поднесените 232 илјади предмети се решени.
За граѓаните да знаат во која фаза им се наоѓа предметот изработена е веб-платформа privatizacija.finance.gov.mk преку која граѓаните ќе знаат во секој момент до каде е нивното барање. Во моментот во системот се достапни само предметите за приватизација од 2018 и 2019 година, а во тек е и постапка на внесување на старите предмети, со тенденција во текот на наредната година да се внесат и да бидат достапни сите стари предмети кои се во постапка.