Вкупните депозити, во август, на годишна основа, се повисоки за 9,9 отсто, при раст кај двата сектора – корпоративен и домаќинства, којшто е поистакнат кај корпоративниот сектор. На годишно ниво, вкупните кредити, пак, во август, бележат раст од 6,4 отсто, при зголемено кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства, соопшти Народната банка.
Како што се наведува во соопштението од НБРСМ за монетарните движења во земјава за август 2021 година, паричната маса се зголемила за 1,6 отсто во споредба со претходниот месец. Нагорната промена, се посочува, главно е резултат на повисоките депозитни пари, при остварен помал раст и кај краткорочните депозити и долгорочните депозити до две години, додека готовите пари во оптек бележат пад. На годишна основа, паричната маса бележи раст за 11,5 отсто, во најголем дел под влијание на растот на депозитните пари и краткорочните депозити, во услови на помал раст и кај преостанатите компоненти.
– Растот на депозитите е резултат на повисоките депозити кај двата сектора, со поизразено учество во месечниот и во годишниот раст на депозитите на корпоративниот сектор. Во август, вкупните кредити се намалени за 0,3 отсто на месечна основа, во целост како резултат на падот кај кредитите на корпоративниот сектор. Анализирано на годишна основа, вкупните кредити се повисоки за 6,4 проценти, под влијание на растот на кредитите кај двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства – велат од НБРСМ.
Во однос на депозитите и кредитите на корпоративниот сектор, се посочува дека во август, вкупните депозити на корпоративниот сектор, бележат раст за 4,0 отсто. На годишна основа, вкупните депозити на корпоративниот сектор бележат зголемување за 20,2 проценти, коешто во најголем дел се должи на повисоките депозитни пари и краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, при пад на краткорочните депозити во денари.
Кредитите на корпоративниот сектор, пак, овој месец, се намалени за 0,8 отсто на месечна основа, пред сѐ поради падот на кредитите одобрени во странска валута, при помало влијание и на падот на кредитите во денари. Споредено на годишна основа, се посочува, кај овие кредити е забележан раст од 4,5 отсто, којшто во поголем дел се должи на кредитите одобрени во денари.
Во однос на депозитите и кредитите на домаќинствата се наведува дека кај вкупните депозити на домаќинствата, во август, е забележан месечен раст од 0,9 отсто, којшто во целост се должи на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити во странска валута. Во споредба со истиот месец претходната година, овие депозити се повисоки за 7,4 отсто.
Во август, кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,2 отсто, како резултат на растот на кредитите во денари и во странска валута. Годишниот раст изнесува 7,9 отсто и се должи на зголемените кредити одобрени во двете валути.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во август, потрошувачките кредити, како една од најзастапените категории, се непроменети на месечна основа, додека на годишна основа се повисоки за 6,9 отсто. Станбените кредити се зголемени за 0,6 отсто и 16,2 отсто на месечна и годишна основа, соодветно. Овој месец, кај автомобилските кредити е забележан месечен и годишен пад за 1,1 отсто и 17,5 проценти, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 0,4 отсто и 9,9 проценти, на месечна и годишна основа, соодветно.