Новиот снежен бран и ниските температури што ја зафатија Македонија нема да предизвикаат значителни оштетувања кај земјоделските култури, вели агрометеоролог од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) Ангелко Ангелески.
– Оптимист сум бидејќи температурите не се многу ниски, а добра околност е што не се очекува нагло разведрување и затоплување. Во земјоделските региони температурите се околу нулата или се позитивни така што нема да предизвикаат посериозни последици. Снегот се задржува на овошките и единствено може да предизвика кршење на гранките – објасни Ангелески.
Поради ова тој им препорачува на земјоделците за да ги заштитат овошките да го истресат снегот од гранките на овошките.
– Најизложени на промените на времето се овошките, бидејќи се расцветани, но под снегот, кој се задржува на гранките цветот е заштитен и е со позитивна температура. Единствено кај раните сорти сливи, праски и кајсии може да дојде до проретчување на родот, но не и до целосно уништување – истакна Ангелески.
Во почвата, посочува, од досегашните врнежи има многу вода, особено во некои делови од Пелагонија.
– Дополнително количество вода во почвата ќе има во текот на наредната недела кога ќе почне да се топат снеговите, бидејќи од недела се очекува постепено затоплување – објасни Ангелески.