Житата претставуваат основна храна и имаат стратегиско значење за решавање на прехранбениот проблем во локални и во глобални рамки. Се мисли на сите видови жита. Како производ тие ги задоволуваат животните потреби на населението, а претставуваат и основна добиточна храна за животните, поради што оправдано се очекува постојан пораст на светската потрошувачка. Тенденциите и перспективите за развој на оваа група производи се оценуваат според две претпоставки и појави на светско и национално ниво како што се: нестабилност на финансиските пазари, чија криза забележливо ги повредува реалните сектори; поскапувањето на енергетските извори аналогно се рефлектира на цените на другите производи.
Забрзаното темпо на поскапување на прехранбените производи е условено од поскапувањето на енергијата. Негативното влијание на климатските услови врз производството на прехранбените производи води до сериозно намалување на понудата наспроти зголемената побарувачка.
Ширењето на површините во светот со енергетски култури, има сериозно влијание врз производството на прехранбените производи и зголемување на дефицитот помеѓу побарувачката и понудата. За Македонија е особено важно рационално користење на обработливите површини како важен барометар за состојбата на економијата поради важни причини: со ограничени стратегиски ресурси, како што се енергијата и обработливите површини.
Во светски рамки, недостигот од жита е во основата на прехранбениот проблем. Според просечните статистички показатели, за еден продолжен период среднорочниот пораст на производството на зрно е неколкупати понизок од порастот на населението. Просечната потрошувачка на жита на ден изнесува 457,75 гр со варирање помеѓу сиромашните и богатите држави од 281 до 784 гр. Големите разлики се должат на директната консумација на производи од жита и на консумација на производи од животинско потекло.
Последните години и десетлетија, во развиените и средно развиените земји, особено во Европа се јавува негативен раст и застарување на населението. Оваа тенденција е изразена и во Македонија. Тоа води и до промени на типот на консумација и зголемување на делот на функционална храна, особено овошје и зеленчук, што условува лесно намалување на директната потрошувачка на зрнестите производи. Во перспектива може да се очекува овие тенденции да опаднат, но сепак да доведат до релативно намалување на зрнестата храна при консумацијата на ниво од 135 до 140 кг / жител годишно.
Тенденциите во производството на зрно (жита) се со опаѓање на површините и вкупната продукција на долг и среднорочен период, но и приносите не растат соодветно.
Кај пченицата, како најзастапена житна култура, во Европа кај најголемите производители Франција, Унгарија и Украина, приносите во последните 15 години исто така се неповолни.
Како површините така и вкупната продукција многу се нестабилни по години, а вкупната продукција зависи токму од тие два фактора. Како резултат на таа колебливост, производството се движи помеѓу 3 и 3,5 милиони тони.
Производството на пченка најмногу зависи од движењето на бројот на животните. Во светски рамки тенденциите се во насока на пораст на побарувачката каде што влијанието на пченка има високо учество, особено во неразвиените земји. Кај пченката важен фактор за натамошен пораст е располагањето и користењето вода за наводнување.
Јачменот е важна фуражна култура, а светските тенденции се слични на тие кај пченката, и овде има влијание индустрискиот развој, а особено развојот на индустријата на производство на пиво. Очекувањата се дека идните движења кај јачменот ќе бидат со однос со обемот на производство.
Житните култури: ’рж, овес, тритикале и други, кои се користат и како лебни жита, немаат такво значење како претходните, но може да се смета на нивно зголемување во наредните години поради сѐ поголемата побарувачка на пазарот и учество во производството на специјални видови леб и слични производи.
Вкупната продукција на жита во Македонија во просек во последните десет години изнесува 555,85 илјади тони.
Тоа во споредба со 1991 година е помалку за 145,55 илјади тони. Обемот на вкупните жита во Македонија е доста нестабилен по години, па се движи од 456,9 илјади тони годишно до 637,6 илјади тони годишно.
Продукцијата на житата во Македонија може да се зголеми ако се активира за жита погодниот дел на необработените ораници, околу 140 илјада ха годишно, како и да се воведуваат нови технологии и сорти за повисок принос.