По десетгодишното задолжување предизвикано од достапноста на кредити со пониски камати по финансиската криза во 2008 година, долгот на пазарите во развој се зголеми на рекордни 58,5 билиони долари
Глобалниот долг се искачи на рекордни 247 билиони долари годинава, поточно до крајот на март, натрупувајќи притисок врз пазарите во развој. Светскиот долг се зголемил за речиси 150 билиони долари во текот на изминатите 15 години.
Според анализите на Институтот за меѓународни финансии (IIF), нивоата на долг за домаќинствата, нефинансиските корпорации и на владите пораснаа на 186,5 билиони долари во првиот квартал од 2018 година. Долгот на финансискиот сектор се искачи на рекордно високо ниво од 60,6 билиони долари.
Со високите 247 билиони долари, овој долг го надмина за 318 отсто светскиот БДП во првиот квартал.
По десетгодишното задолжување, предизвикано од достапноста на кредити со пониски камати по финансиската криза во 2008 година, долгот на пазарите во развој се зголеми на рекордни 58,5 билиони долари во првиот квартал, со што порасна за 84 отсто од почетокот на кризата во 2008 година.
Многу пазари во развој се потпираат на банкарско финансирање со варијабилни стапки и се соочуваат со повисоки ризици поради зголемувањето на приносите и порастот на каматните стапки, што го прави рефинансирањето и враќањето на долгот врзан за валута значително поскапо.
Државниот долг најмногу се зголемил во Бразил, Саудиска Арабија, Нигерија и во Аргентина, наведуваат претставниците на Институтот за меѓународни финансии. Исто така, енергетските сили, односно земјите богати со нафта како Катар и Обединетите Арапски Емирати, потоа гигантите за извоз на енергија како Казахстан и Перу, исто така имаат опасно висока зависност од надворешни финансиски долгови.