Германската влада би можела да формира посебна компанија со намера да стане сопственик и да управува со последниот дел од гасоводот „Северен тек 2“, кој ќе поминува низ внатрешните територијални води на Сојузна Република Германија. Ова го пишува порталот „Геополитика“, повикувајќи се на написи од угледниот британски весник „Фајненшел тајмс“.
Процените се дека со ваквиот потег ќе се овозможи на некој начин „Северен тек 2“ да се ослободи од главниот гасовод на Европската Унија, и на тој начин да се стави под надзор на Брисел само најмалиот, последен дел од гасоводот, во должина од 50 километри.
Планот сѐ уште се наоѓа во фаза на разгледување, и сѐ уште не е службено упатен од страна на германскиот регулатор.
– Со овој потег, проектот од правно и техничко ниво се издигнува на политичко ниво – кажа еден високопозициoниран европски дипломат.
Потсетуваме дека Европската Унија и Европскиот парламент веќе постигнаа договор за воведување измени во европските директиви за енергенти, а тие се однесуваат на примената на унифицираните правила на европското законодавство во областа на енергетиката на сите гасоводи преку кои во ЕУ пристигнува гас од други земји, вклучувајќи ја и Русија.
Поконкретно, сите компании заинтересирани за извоз на гас, од Русија можат да побараат пристап до гасоводот. Промените би можеле да стапат во сила во текот на летото оваа година.