Без плата во октомври останале 338 вработени во 179 фирми на кои државата им дала финансиска помош за исплата на платите, објави директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
Таа појасни дека овие компании, во рамки на четвртиот пакет мерки, добиле финансиска помош од околу 5,3 милиони денари, а единечната помош по вработен е од 14.500 денари до 21.776 денари, зависно приходите на компанијата.
Лукаревска рече дека списокот на компаниите денеска ќе биде доставен до Генералниот секретаријат на Владата, која треба да го објави јавно и истиот нема да биде ажуриран.
Од работодавачите кои не исплатиле плати, а добиле поддршка, најмногу се од дејноста трговија на мало, дејноста за служење на храна и транспортот. Најмногу од фирмите се од Скопје, по што следат Тетово и Гостивар.
На работодавачите доставени им се опомени, по што следи постапка на присилна наплата. Предвидена е глоба од 500 до 1.000 евра на микро претпријатие, од 500 до 2.000 за мало претпријатие, од 1.000 до 6.000 за средно претпријатие и од 1.000 до 10.000 за големо претпријатие.