Постепена стагнација, односно намалување на степенот на нееднаквоста меѓу граѓаните во Македонија, покажуваат најновите анализи, соопшти гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на вчерашната средба со новинарите. Таа истакна дека иако нееднаквоста не е прашање во надлежност на Централната банка, оттаму сепак ги следат и ги анализираат бројките што упатуваат на намалување на нееднаквоста.
– Во глобални рамки, тоа е актуелно прашање бидејќи се забележува натамошен тренд на раст на нееднаквоста во општествата, особено во американската економија. Голем фокус е посветен на ова прашање не само за дијагностицирање, туку и за мерките и политиките кон кои треба да се насочат носителите на политиките за справување со овој глобален предизвик – рече Ангеловска-Бежоска по повод претстојниот состанок на Конституенцата на Светската банка (СБ) и на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) што викендов ќе се одржи во Скопје.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски, посочи дека темата на Конституенцата се совпаѓа со главниот фокус на Владата, и додаде дека мерките што ги преземаат се во насока на намалување на нееднаквоста, како што е праведно оданочување за обезбедување средства за социјална реформа.
– Ние како земја сме први во регионот што воведоа минимален адекватен приход, со тоа многукратно ги зголемивме социјалните трансфери кон најранливите категории граѓани – рече Тевдовски.
Тој потсети дека една од првите владини мерки беше зголемување на минималната плата.
– Бројките од Државниот завод за статистика покажуваат дека платите растат со посилно темпо од претходно. Во ИТ-секторот платите се зголемуваат за 5,5 проценти, вработеноста се зголемува и на општо ниво и кај младите, и се укажува дека одиме во правилна насока кон поправедно општество – посочи Тевдовски.
Тој најави и дека до крајот од неделава ќе биде промовирана мерката за враќање на ДДВ за физичките лица, која треба да почне од 1 јули.
Како до поправеден општествен систем за сите е тема во фокусот на состанокот на Холандско-белгиската конституенца при Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, кој од 21 до 23 јуни ќе се одржи во Скопје. Домаќини на состанокот, кој има меѓународно значење, се Народната банка и Министерството за финансии. Нееднаквоста, кои се причините за неа, што доведува до неа, какви се трендовите во последниот период, особено во посткризниот период и дали таа ќе се зголемува, ќе биде во фокусот на дискусиите на сите говорници.
– Ќе се дискутираат и можни решенија, политики во различни аспекти, кои на крајот треба да доведат до позитивни ефекти, односно да доведат до порамномерна дистрибуција на доходот во секое општество – рече Ангеловска-Бежоска.
За министерот Тевдовски, состанокот е огромно признание и се случува во период кога имаме многу позитивни сигнали во економијата, раст на кредитниот рејтинг, и исто така ќе биде искористен за најдобра промоција на нашата земја.
На форумот ќе учествуваат високи претставници од ММФ и СБ, како и голем број министри за финансии и гувернери од членките на Конституенцата. Од ММФ доаѓаат директорот за европскиот дел Пол Вилсон, кој е добар познавач на состојбите во нашата земја и беше шеф на првата мисија на ММФ во државата од независноста, како и директорот за фискални политики Виктор Гашпар. Од СБ ќе присуствуваат тројца директори, а меѓу говорниците го издвоија професорот Луиџи Зингалес од Универзитетот во Чикаго во чиј фокус на научен интерес е токму нееднаквоста во САД. Е.Р.