Осигурените граѓани, компании и институции лани во полиси за покривање различни ризици вложиле 163,7 милиони евра, а од пријавени штети наплатиле четири милијарди денари или 65,1 милиони евра, што е на исто ниво како и во 2019 година. Од тоа за штети по полиси за неживотно осигурување компаниите на осигурениците им исплатиле 3,57 милијарди денари, или 58 милиони евра, а исплатите на штети по основа на осигурување живот изнесувале 436,9 милиони денари или 7,1 милиони евра, информираа од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Според агенцијата, во последниве пет години биле купени полиси вредни 48,3 милијарди денари или 785,2 милиони евра. Притоа, во осигурување живот граѓаните вложиле вкупно 7,98 милијарди денари или 129,7 милиони евра. За полиси што покриваат ризици од неживотното осигурување (автомобилска одговорност, каско, имот, општа одговорност, приватно здравствено и други видови осигурување) вкупно се платени 40,3 милијарди денари или 655,5 милиони евра.
– Продажбата на полиси за осигурување (бруто-полисирана премија) лани во споредба со 2016 година е зголемена за 1,35 милијарда денари или 22 милиони евра. Многубројните ограничувања врз вкупните економски текови и особено врз мобилноста, кои лани ги предизвика здравствената пандемија, негативно се одразија и врз продажбата на полиси. Но благодарејќи на проактивниот пристап и соработката меѓу АСО и осигурителните компании, вкупната продажба на полиси лани бележи благ пад од пет отсто во споредба со 2019 година – пресметаа во агенцијата.
На осигурителниот пазар, како што известија од агенцијата, работат вкупно 16 друштва за осигурување.