Во Германија денеска на сила стапува новиот закон за вселување на професионален кадар, кој се однесува на квалификувани работници од земји кои не се членки на ЕУ, пренесе агенцијата „Танјуг“.
Според новиот закон, како стручњаци веќе не се сметаат само лицата со факултетска диплома, туку и квалификувани лица чие стручно образование траело најмалку две години и е еквивалентно на германското образование, така што нивните дипломи може да бидат признати во Германија.
Целта е признавањето на дипломите да се завршува во рок од три месеци по доставувањето на сите потребни документи, а процесот на издавање на виза за квалификуваните работници во иднина би требало да трае највеќе четири до шест недели, пренесува „Танјуг“, повикувајќи се на информации од „Дојче веле“.
Законот важи за секој квалификуван работник надвор од ЕУ кој може да докаже дека има договор за вработување во Германија и соодветни стручни квалификации.
Со него не се опфатени помошните работни места за кои не е потребна стручна квалификација, но работниците кои имаат основни професионални квалификации и договор за вработување или понуда за работа во Германија, можат да се доквалификуваат.
Секој што има договор за работа или конкретна понуда за работа ќе добие четиригодишна дозвола за престој или онолку колку што трае договорот за работа.
После четиригодишен престој, квалификуваните работници можат трајно да се населат во Германија, односно стекнуваат право на неограничен престој.
Секој што сака да бара работа во Германија, ќе добие виза за шест месеци, а предуслов е да има пари да ги покрие трошоците за живот во тој период и да зборува германски на ниво Б2.
Новиот закон важи и за странци кои сакаат да студираат или стручно да се надградуваат во Германија, но тие мора да бидат помлади од 25 години.