Фото: Игор Бансколиев

Надлежните се надеваат дека за 15-20 дена железничкиот мост меѓу Градско и крстосницата Кукуричани ќе биде ставен во употреба. Сепак, со санацијата тој ќе има ограничена употреба, а во меѓувреме ќе се разгледува опција за изградба на нов мост

Големото количество вода во Црна Река, која наеднаш надошла, го оштетила бетонскиот мост на железничката пруга меѓу станицата Градско и крстосницата Кукуричани на Коридорот 10, поради што од петокот вечер сообраќајот на релацијата Скопје – Гевгелија и понатаму кон Солун и обратно е во прекин. Тоа значи дека целокупниот патнички и товарен железнички превоз кон југот на државата и кон Грција ќе остане блокиран до санација на мостот за најмалку 20 дена.

Нивото на реката одеднаш пораснало на пет метри од постојните 1,7 метар и силината на надојдената вода ги поткопала столбовите на бетонскиот мост што се лоцирани во реката, појаснуваат од МЖ-инфраструктура.
– Последните 30 години немало случај на толку големо количество вода одеднаш. Од МЖ-инфраструктура немале информации, а настанатата деформација ја забележал машиновозачот на последниот воз што поминал над мостот – соопшти директорот на МЖ-инфраструктура, Ирфан Асани.

Асани вели дека проблемот е сериозен и дека економските штети од прекинот на железничкиот сообраќај се големи. Се надева дека за 15-20 дена со преодно решение ќе се воспостави сообраќајот.
Тој истакнува дека се во постојан контакт со Градежниот институт, експерти и сите надлежни за да се најде решение за што побрзо да се воспостави овој важен коридор.
– Од петокот веќе е стопиран сообраќајот. Направивме анализи и испитувања на оштетувањето од сите можни фактори и институции во Македонија и веќе имаме финална идеја што треба да направиме. Ќе одиме на брза санација и се надевам дека за 15-20 дена ќе биде ставен во употреба. Тоа значи брза санација за ограничена употреба, а во меѓувреме ќе гледаме која е опцијата или ќе се оди на нов бетонски или челичен мост – појаснува Асани.

Директорот вели дека мостот е изграден во 1970 година и бил во добра кондиција. Последната проверка е направена во 2008 година, а како што истакнува, секоја година се дијагностицираат сите параметри на сите мостови и пругата.


Укината железничката линија Белград – Скопје – Солун

Единствената меѓународна железничка линија што поминуваше низ Македонија е укината. Имено, „Србија воз“ во договор со грчката железница го укина возот на релацијата Белград – Скопје – Солун. Возот е укинат поради економска неисплатливост и се планира да сообраќа само сезонски, во летните месеци, односно од 15 јуни до 15 септември.

Од „Србија воз“ ја донеле одлуката во согласност со грчката железница „Тренос“, а „Македонски железници“ се само информирани за одлуката бидејќи возот низ земјава транзитира. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески неодамна изјави дека се прават напори возот да не се укинува, но по сѐ изгледа, тие не успеале.