Владата денеска на седница треба да расправа за состојбата на проектот за рехабилитација на железничката делница Куманово-Бељаковце на Коридорот 8, која ќе ја презентира ЈП Македонски Железници Инфраструктура.
Директорот на ЈП МЖ Инфраструктура Ирфан Асани неодамна изјави дека рокот за изградба на пругата Куманово-Бељаковце се пролонгира за 18 месеци и се очекува да биде готова до крајот на следната година. Таа е прва од трите делници за железничкото поврзување со Бугарија и досега од вкупно проектираните 31 километар, целосно се завршени осум километри.
Според најавата од владината прес-служба, на седницата ќе биде разгледана и информација за потребата од склучување договор за грант меѓу Република Македонија и Соединетите американски држави – САД за развојната цел: „Република Македонија како просперитетно, самоодржливо и инклузивно демократско општество“.
На предлог на Министерство за надворешни работи, на дневен ред на владината седница е Информацијата за потпишување Договор меѓу Генералниот секретар на Обединетите нации и Владата на Република Македонија: Обврска да се елиминира сексуалната експлоатација и злоупотреба, а Министерството за внатрешни работи ќе го претстави извештајот за извршените преговори со усогласен текст на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за реципрочно признавање на возачки дозволи.
На 84. седница на Владата треба да бидат усвоени две предлог-одлуки за испраќање на припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ“, во Либан и за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан.
Владиниот кабинет ќе расправа и за информациите за задолжување на Јавно сообраќајно претпријатие СКОПЈЕ – Скопје, со државна гаранција кон меѓународна кредитна институција, за Проектот Набавка на КПГ автобуси, како и Информацијата за акцискиот план за вработување млади лица, 2016 – 2020, предлог на Државниот завод за статистика.