Владата на Република Македонија не го продава уделот на државата во Македонски Телеком, а таква информација немаме ниту од партнерите од Дојче Телеком, информираат за МИА од Владата.
Оттаму додаваат дека сега веќе поранешниот главен извршен директор Андреас Елснер самиот поднел оставка и оти тоа е негова лична одлука која не ја коментираат.
– Во насока на поголема ефикасност на работењето на компанијата еден од акционерите поднесе предлог за спојување на двете позиции на извршни директори во една. За Владата ова решение е прифатливо, но ќе ги разгледаме сите детали од новиот предлог концепт за работа на компанијата по што нашиот став ќе го кажеме на Собранието на акционери, каде државата ја има златната акција – наведуваат од Владата.
Главниот извршен директор и член на Одборот на директори на Македонски Телеком Андреас Елснер на 1 јули годинава заминува од компанијата.
На позицијата главен извршен директор на компанијата Елснер беше назначен во мај 2017 година и под негово водство компанијата бележи позитивен пресврт во работењето преку најдобрата мрежа, иновативното портфолио на производи и најдоброто корисничко искуство. Тој заминува од компанијата со успешни резултати во првото тромесечје од 2018 година, со раст од 2,6 отсто во однос на минатата година и водечки позициониран бренд.