Заев од средбата со ССМ
Премиерот Зоран Заев денеска одржа работна средба со претседателот на Сојузот на синдикатите, Дарко Димовски, и претседателите на неколку грански синдикати од јавниот сектор: Љубиша Каранфиловски на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Миќо Стојановски на Синдикатот на работниците од сообраќај и врски и на Македонскиот полициски синдикат, Марјан Кицев, во присуство на Слободан Трендафилов од ССМ.
На работниот состанок, остварен по барање на синдикалните лидери, беа поздравени поддршката и изразениот слух на Владата за остварување на работничките права и постигнување на социјалниот дијалог во насока на социјално-економска поддршка на работниците.
– Владата останува главен поддржувач на работниците и сметаме дека синдикалното организирање е здраво за државата, како сериозен коректив во функција на балансирање при уредувањето на работничките права, во јавните институции и приватниот сектор – рече премиерот Заев, кој нагласи дека социјалниот дијалог продолжува.
На темата за работничките права беше истакнат позитивен амбиент во однос на почнувањето на разговорите и преговорите за потпишување на новиот општ колективен договор за вработените во јавниот сектор, а заклучок е дека е потребно следење на процесите и анализа за донесување најповолни решенија за исплата на К15, односно регрес за годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор, соопштија од Владата.
На средбата се разговарало и за унапредување на мерките за надминување на сивата економија, отворање нови работни места и подобар економски статус на сите работници, без разлика дали се во приватниот или јавниот сектор.