Министерката за финансии, Нина Ангеловска, на прес конференција во Владата рече дека прогресивното оданочување се става во мирување во следните три години. Таа рече дека анализите со надворешни и домашни консултанти на ефектите од воведувањето на прогресивниот данок на личен доход покажале незначително подобрување на распределбата на доходот, односно намалување на нееднаквоста за помалку од еден отсто, како и даночно избегнување, односно дека се изгубени 50 отсто од даночните приходи кои можеле да се соберат.
-Некои даночни обврзници, без оглед дали индивидуи или фирми, ги нема во систем, можеби одлучиле да се префрлат во друг даночен систем кој им нуди подобар третман и услови. Некои даночни обврзници одлучиле дел од своите доходи да ги префрлат на други лица со цел да не го надминат прагот за прогресивната даночна стапка и со тоа направиле фиктивно подобра прераспределба. Според резултатите, овој ефект е особено присутен кај доходите од повремено и привремено вршење на дејност од авторски дела и од закупнини. Данокот на доход од плати е 64 отсто и 4 отсто по основ на други примања, а товарот од прогресивната стапка главно го презеле компаниите или од 70 до 90 отсто – рече Ангеловска.
Прогресивниот данок на личен доход почна да се применува од годинава со стапка од 18 отсто, на праг од 90.000 денари, односно за доход до овој праг се плаќа персонален данок на доход од 10 отсто, а сумата над овој праг се оданочува со повисоката даночна стапка.