Бруто надворешниот долг на крајот на 2018 година се намали за 489 милиони евра и изнесува 7.908 милиони евра или 73,7 отсто од БДП, објави Народната банка.
-На крајот на 2018 година бруто надворешниот долг изнесува 7.908 милиони евра и забележа квартално намалување од 489 милиони евра, додека бруто надворешните побарувања се намалија за 227 милиони евра и изнесуваат 5.260 милиони евра. Поголемото квартално намалување на обврските во однос на побарувањата доведе до намалување на нето надворешниот долг за 263 милиони евра, со што на крајот на четвртиот квартал од 2018 година тој се сведе на 2.647 милиони евра. Притоа, намалувањето на нето надворешниот долг во четвртиот квартал произлегува од намалувањето на приватниот и на јавниот нето-долг за 139 милиони евра и 124 милиони евра, соодветно- наведуваат од Народната банка.
Според објавеното негативната нето меѓународна инвестициска позиција, на крајот на 2018 година, изнесува 5.946 милиони евра или 55,4 отсто од БДП за 2018 година. Најголемиот дел повеќе од 86 отсто од овој износ се нето-обврски врз основа на директни инвестиции, од кои 74 отсто се врз основа на сопственички капитал.
Народната банка наведува дека во февруари продолжи трендот на просечната каматна стапка на вкупните кредити и таа се сведе на 5,28, отсто, додека просечната каматна стапка на вкупните депозити се задржа на нивото од јануари и изнесува 1,42 отсто.
Просечната каматна стапка на кредитите одобрени на корпоративниот сектор изнесува 4,57 отсто, додека на кредитите на домаќинствата 6,02 отсто.