Режимот на домашен роаминг на Западен Балкан од 1 јули 2021 година значи чекор поблиску до намалување на цените на роамингот со Европската Унија, изјави генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, на состанокот на Работната група за роаминг на Западен Балкан.
– Потпишувањето на договорот за намалување на цените на роамингот на Западен Балкан во април 2019 година беше историско достигнување и еден од главните резултати на дигиталната агенда за регионот, што ги стави на тест нашата посветеност и доверба во регионалниот дијалог, истовремено носејќи им конкретни придобивки на граѓаните. Убедена сум дека регионот повторно ќе има резултати и дека, кога ќе заврши пандемијата, нашите граѓани ќе уживаат во сите придобивки од регионот без роаминг – оцени Брегу по повод укинувањето на роамингот за Западен Балкан.
Таа дополни дека трошоците за роаминг помеѓу Западен Балкан и Европската унија се огромни и не се засноваат на условите на пазарот. Според неа, поради исклучително високите трошоци за роаминг, граѓаните од регионот плаќаат четири пати повеќе за истата услуга отколку граѓаните на Европската Унија.
– Нашиот следен чекор е да ги намалиме цените на роамингот помеѓу Западен Балкан и Европската Унија, што ќе бара целосна посветеност на сите вклучени актери, особено телеком-операторите, како и еднакво важната техничка поддршка од Европската комисија, Генералниот директорат за комуникациски мрежи, содржини и технологија и Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, како и на највисоките претставници од регионот – додаде Брегу.
Дејвид Рингроуз, раководител на одделот во Генералниот директорат за комуникациски мрежи, содржини и технологија, рече дека регионалната соработка е вистинскиот начин да се постигнат резултати за граѓаните од Западен Балкан, а целосната имплементација на Договорот за намалување на цените на роамингот во регионот е првиот чекор кон намалување на цените меѓу ЕУ и Западен Балкан.
Во првите месеци од спроведувањето на регионалниот договор за намалување на цените на роамингот е забележано зголемување на преносот на податоци во роаминг низ целиот регион, како и значително намалување на трошоците за роаминг, помеѓу 83 и 96 проценти, што, како што се наведува, помогна да се подготви укинувањето на роамингот на Западен Балкан, кое треба да започне на 1 јули 2021 година. Западен Балкан без роаминг и намалување на цените на роамингот со Европската Унија се дел од програмата за заеднички регионален пазар, на која лидерите на Западен Балкан се обврзаа на самитот во Софија во ноември 2020 година.