Повеќе од очекуваниот број на заинтересирани наши граѓани се јавиле во агенциите што посредуваат за работа во странство. Во една од агенциите што посредуваат за работа во странство ни рекоа дека најмногу од пријавените се заинтересирани за работа во Хрватска, бидејќи не е далеку и го знаат јазикот. Пројавиле интерес да работат во угостителство и хотелиерство, и тоа на работни позиции како готвачи, помошници на готвачи и помошници во кујна, собари и собарки, келнери, шанкери и слично. Оттаму додаваат дека односот е 50 на 50, односно на сезонска работа летово сакаат да заминат како вработени, незадоволни од платите тука, така и невработени, меѓу кои се и оние што останале без работа за време на пандемијата. Освен тоа, како што рекоа во агенцијата, има и значителен број заинтересирани млади луѓе за работа на Малта, но тие најчесто заминуваат преку пријатели, кои им наоѓаат работа и сместување, или преку агенции од Малта, кои им гарантираат работа и дозвола за престој.
Она што е интересно во случајов е дека освен што меѓу многуте заинтересирани за работа во странство се граѓани што се задолжиле со кредити, односно работници што останаа без работа, претежно од угостителскиот сектор кај нас, има и такви што и покрај тоа што тука работат и се водат како вработени, сепак, сакаат да заминат.
– Сериозно размислувам да заминам на работа во Хрватска, брат ми е веќе таму од минатата година и заработува многу повеќе отколку што заработуваше тука во приватна фирма. Иако работам во странска фирма, сепак летово мислам да заминам од земјава. Ни даваа плата на трансакциска сметка и на рака, а откако почна пандемијата нема повеќе на рака, само тоа што е на трансакциска.
Секојдневно патувам по 20 километри во еден правец и 20 во друг правец и бидејќи нема организиран превоз, од тие пари сама си го плаќам превозот до работа. И храна не ме следува, сама си ја купувам и сето тоа го покривам од една просечна македонска плата што ја добивам. Некои странци кога инвестираат овде се привикнуваат на нашиот менталитет. Не ни даваат ниту К15, ниту пред коронавирусот ниту сега, иако треба како приватна фирма да ни поделат, и бидејќи ми е прекуглава од сѐ, размислувам да заминам – вели млада интелектуалка, која од разбирливи причини сакаше да остане анонимна.
И Марија Дамчевска, која одамна дипломирала на Факултетот за туризам, раскажува оти доколку не заминела на усовршување во Америка, веројатно повторно ќе заминела на работа во Хрватска.
– Хрватска веќе последниве две-три години е преплавена од Македонци. Скапа е ама се заработува ако знаеш да менаџираш со пари. Јас сум многу задоволна од двете години поминати таму, бидејќи сместувањето ти е обезбедено од газдата -вели Дамчевска.
Не само млади туку и малку повозрасни македонски граѓани што останаа без работа за време на пандемијата сакаат да ја напуштат земјава и да заминат на работа некаде надвор.
Од Агенцијата за вработување информираат дека со состојбата од 30 април годинава се евидентирани 17.005 невработени лица во земјава, по основа на прилив од работен однос, за кои престанокот, односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот по 11 март 2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19.
– Во услови на криза предизвикана од пандемијата на ковид-19, најпогодени беа работодавците од преработувачката дејност, од каде што се евидентирани 6.376 невработени лица, или 37,5 отсто од приливот на невработени лица од работен однос (тука посебно би ја издвоиле текстилната индустрија), потоа 3.356 невработени лица (19,7 отсто) се од дејноста трговија на големо и трговија на мало, 1.244 лица (7,3 отсто) се од дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна – угостителска дејност, 1.052 лица (6,2 отсто) се од дејноста градежништво, а преостанатите се прилив на невработени лица од работен однос од други дејности.
Според основата на престанок на работниот однос, најголемиот број евидентирани невработени лица се поради престанок на работниот однос по истекот од определено време, 6.271 лице или 36,9 отсто од приливот од работен однос, потоа 4.128 лица или 24,3 отсто се поради спогодбен престанок на работниот однос, 2.502 лица (14,7 отсто) се поради отказ од страна на работникот, а преостанатите се невработени лица за кои престанокот од работниот однос е поради отказ од деловни причини (технолошки, економски, организациски и слични промени), стечај-ликвидација, поради престанок на дејноста на работодавецот и по други основи – информираат од Агенцијата за вработување.