Министерството за транспорт и врски ја продолжува праксата во носење на реформските закони на транспарентен начин преку вклучување на сите заентересирани страни. Во една таква постапка денеска започнуваме со отворена дебата во однос на предлог за нов закон за градење, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на денешната стручна дискусија на која се презентираше новиот предлог-текст на Законот.
– Со оглед на тоа дека постојниот закон е менуван преку 30-тина пати и преставува кочница за урбаниот развој на општините, се определивме да креираме комплетно нов закон за градење кој ќе има за цел да ги забрза процедурите и ќе го стимулира просторниот и економски развој во државата. Затоа сме тука, сите заеднички да придонесеме да изработиме едно ново ефикасно решение кое ќе биде во полза за сите нас. Само со квалитетен закон ќе ги стимулираме инвестициите во градењето, притоа ќе ги разрешиме сите наталожени проблеми што се среќаваат со постојните закони”, изјави министерот за транспорт и врски.
Во јавната дебата учествуваа претставници од јавни претпријатија, ИЗИИС, ЗЕЛС, Стопанските комори, универзитетски професори, Комората на овластени архитекти и инжењери и Асоцијацијата на архитекти.
Како што информираат од ресорното министерство, во следниот период следуваат серија на јавни дебати во кои ќе бидат вклучени сите заинтересирани субјекти во креирање на новото законско решение.