Ќе донесеме нови мерки за поддршка на угостителите и граѓаните, ако биде потребно, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи при денешниот увид во текот на изградбата на фекална канализација во Јурумлери, осврнувајќи се на воведувањето на превентивните мерки за посета на угостителските објекти и трговските центри.
– Како и секогаш, ги следиме донесените рестриктивни мерки и ќе седнеме и ќе разговараме, доколку заеднички одлучиме дека финансиските импликации се толку големи што бараат одредена поддршка – рече Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање дали Владата размислува за нов вид на поддршка за угостителите и граѓаните поради неодамна донесените рестриктивни мерки.
Тој посочи дека воведените мерки се привремени, како и оти евентуалните нови мерки ќе бидат за оние кои се најмногу погодени.