РКЕ побара измени на Законот за градење
Регулаторната комисија за енергетика испрати предлог-текст до Министерството за транспорт и врски за промена на Законот за градење, со кој ќе биде задолжително при издавање одобрение за градење да се наведе на што ќе се грее објектот што ќе се гради.
– Мотивот за иницијативата што ја преземаме како регулаторно тело е на најефикасен и најекономичен начин да бидат искористени ресурсите со кои располагаме како држава за да се реши греењето на граѓаните. На овој начин ќе имаме однапред мапирани реони каде и на кој енергент ќе се загреваат домовите и објектите. Каде што има организиран систем на греење, новите градби ќе се приклучат на истиот тој, ако инвеститорот покаже дека има поефикасен систем за греење, не е спорно да го реализира тоа решение. Крајна цел е домаќинствата да добијат економичен, ефикасен и еколошки енергент, а операторите на дистрибутивната мрежа да знаат каде и во кои реони да ги зајакнат инвестициските циклуси во мрежата, за да се сведат на минимум можните дефекти и да нема испади од системот – изјави Марко Бислимоски претседател на регулаторната комисија.
Законот за безбедност и здравје при работа не ги дава очекуваните резултати
Законот за безбедност и здравје при работа не ги дава очекуваните резултати, а бројот на несреќи и смртни случаи на работното место не се намалени. Потребна е вистинска имплементација и издигнување на свеста кај сите работници и компании за важноста на ова прашање, порачаа учесниците на регионален форум што се одржува во Скопје. Тие сметаат дека е потребно да се изгради база на податоци, која ќе дава точни информации за несреќи или смртни случаи на работното место.
– Ако работниците и работодавците се посветат на имплементацијата на заштитата и безбедноста при работа ќе имаме вистински резултати. Колку може Трудовиот инспекторат да ги посети сите компании, ако имаме предвид дека има голем број мали и микропретпријатија. Обучен работник и подобрување на социјалниот дијалог се пресудни за подобрување на состојбите – вели Виктор Кемпа од Европскиот синдикален институт.
Милан Петковски од македонското Здружение за безбедност и здравје при работа, посочи оти најважно е да станеме свесни дека само здрав работник може да создаде дополнителна вредност.
– Минатата година имавме раст на несреќните случаи, поточно оние што резултираат со смрт на работното место. Македонија не е безбедно место за работа, сѐ уште сме земја каде се гине на работното место – вели Петковски.
И од синдикатите и од Организацијата на работодавци се согласни дека донесувањето закон без негова вистинска имплементација не може да биде решение за подобрување на состојбите во оваа област. Од Организацијата на работодавци сметаат дека главниот предизвик е како законот да се примени на самото работно место каде што се случуваат несреќите.