Жените претприемачи најзастапени во услужните дејности
Тренд во регионот и во светот е растот на женското претприемаштво, но растот е бавен и главно е фокусиран во делот на микро и мали претпријатија. Во земјава, бројот на жени претприемачи се движи околу 30 проценти и најчесто ги има во услужните дејности. Застапени се во микро и мали претпријатија, кои имаат мал обрт и профит. Нивниот удел изнесува едвај 10 проценти во вкупниот обрт што го прават компаниите во државата.
– Целта на жените што започнуваат бизнис најчесто е за да можат да направат економски баланс во семејството, но никогаш не тргнуваат да работат големи бизниси. Ним им е поважно да имаат баланс меѓу семејството и бизнисот отколку да се 100 проценти внесени во бизнисот. Тука влијание има социјалната структура на државата, односно жената и да сака да биде 100 проценти посветена на бизнисот, нема услови, односно нема социјална грижа за децата или за старите лица. Тоа се проблеми што не ѝ дозволуваат да биде целосно посветена на бизнисот – вели Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис-жени.