Азески побара посериозен пристап кон економијата
Потребен е вистински дијалог за секое прашање со бизнисот, сериозност во тој процес од двете страни и предвидливост на бизнис-климата, а не изместување на нормалното функционирање со формирање техничка влада три месеци пред изборите. Треба да се каже до кога ќе важат таквите одредби, побара претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
– Не мислиме дека како бизнис-заедница нашите решенија се идеални, знаеме дека сме само сегмент во целокупното живеење, но бараме сериозност во дијалогот. Не може за структурно прашање да те викнат два часа пред објавувањето. Ти седиш во една сала и тие се консултираат со тебе, а на говорницата во другата сала даваат прес-конференција. Да не се лажеме, не сме деца, знаеме во какви услови сме, некогаш и ќе премолчиме, некогаш и ќе бидеме и покултурни од тоа што треба, но никој да не мисли дека го одобруваме тоа – рече Азески.
Во наредниот период, како што дополни, најпотребни се дијалог, решавање на прашањето на корупцијата и сивата економија и сериозност при предлозите на бизнис-заедницата, кои мора да бидат и на највисоко ниво, на база на студии, анализи и истражувања.
– Има слабости и кај нас, тоа го признаваме, ќе го подобриме, но бараме посериозен пристап од сите – рече Азески.
Тој порача дека работењето на техничка влада според Пржинскиот договор претставува изместување на реалноста и нормалното функционирање.
– Сето тоа е изместување на реалноста и на нормалното функционирање. Треба точно да се каже до кога ќе важи тоа за да имаме предвидливост. Вака се соочуваме со ситуација по Нова година, ако се повтори она што го гледавме, дополнителни заменик-министри, кои секој ден ќе држат прес-конференции против министрите, а овие ќе мораат потоа да им одговараат. Ќе имаме нефункционален технички премиер – дополни Азески и нагласи дека бизнисот сака предвидливост, треба да бегаме од предвремени избори, од вонредни конституирања на влади, од вонредни ситуации.
Фирмите повеќе да ја користат медијацијата за решавање спорови
Во последните две години во Македонија над 2.000 спора се решени со медијација, информираат од Комората на медијатори при Сојузот на стопански комори (ССК) и ги повикуваат компаниите почесто да ја користат медијацијата за решавање на споровите, бидејќи им заштедува време и пари.
Оттаму ја истакнуваат споредбата според која во судска постапка еден спор може да се реши за повеќе од една година, а со медијација и за пет дена, иако законска временска рамка за решавање на споровите со медијација е 60 дена.
Од Комората велат дека медијацијата може да придонесе да се подобри сликата за судството во државата во поглед на евроинтеграциите.
– Досега имаме решено над 2.000 спора со постапка на медијација. Законот за медијација е донесен во 2006 година, а до 2016 година имало решено само 100 предмети – вели Славе Младеновски, претседател на Комората. Тој додава дека има голем напредок во последниве две години и оти, според бројот на населението, бројот на медијатори и бројот на решени предмети Македонија е многу понапред од земјите во регионот.