Дигиталните валути ќе станат вообичаени за две години
Креирањето нова дигитална валута би можело да ги поедностави електронското плаќање и приватноста на луѓето што плаќаат во готовина, поради што ваквите решенија би можеле да станат вообичаени во следните две години, се наведува во најновото истражување на „Дојче банк“.
Во документот се оценува дека целосно дигиталните валути, како разните видови виртуелни пари или криптовалути, сè уште се во почетна фаза, но имаат потенцијал радикално да го променат банкарството.
Дигиталните пари може да бидат централизирани, каде што постои една точка на контрола на тековите, или пак децентрализирани, каде што контролата над валутата потекнува од различни извори.
Во претходните две истражувања „Дојче банк“ оцени дека готовината ќе го преживее процесот на дигитализација и дека ќе ги надживее платежните картички, а сега наведува дека дигиталните валути ќе бидат „готовината за 21 век“.
Како најважни претенденти на статусот „вообичаено“ аналитичарите ги наведуваат либра на Фејсбук или дигиталната валута што Кина ја најавува од минатата година.
Во анализата се наведува и дека новите валути би произвеле нови ризици, како пазарни манипулации со цената, како и тоа дека ниту една дигитална валута нема да стане глобално средство за плаќање ако наиде на неодобрување од страна на националните и меѓународните регулаторни тела.
„Тојота“ го запре производството во Кина поради коронавирусот
Производството во фабриките на „Тојота“ во Кина е запрено до 10 февруари, а причина за ваквиот чекор е опасноста од ширење на коронавирусот, пишува јапонскиот деловен портал „Никкеи“.
Планирано беше работењето да продолжи на 3 февруари, но поради ширењето на вирусот датумот беше променет. Претходно производството во две фабрики за мотоцикли во Кина го прекина и „Хонда“.
Туристичкиот потенцијал на Македонија промовиран во Истанбул и во Љубљана
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на интернационалите саеми во Истанбул и во Љубљана го промовира туристичкиот потенцијал на државатa.
Интересот за природните убавини и културните знаменитости во Македонија, како и гостопримството и гастрономијата, го разбуди интересот за посета на нашата држава. Со некои од балканските земји се договараше и заедничка промоција на трети пазари, како и промоција на балкански тури. На саемите за туризам во Љубљана и во Истанбул биле остварени состаноци со туроператори и туристички агенции, маркетинг-агенции, блогери и влогери и организации што овозможуваат вмрежување и соработка на специфично ниво.
Според директорот на АППТ, Љупчо Јаневски, авантуристичките форми на туризам, гастрономијата, екотуризмот и, воопшто, руралниот туризам се магнет за посета на голем број словенски туристи во текот на целата година.