Кина ќе го зголемува производството на свињи
Големите кинески одгледувачи на свињи ќе ги здружат силите со малите семејни стопанства во рамките на инвестицијата вредна речиси 50 милијарди јуани (7,14 милијарди американски долари) за да се зголеми производството на свињи, кое беше погодено од африканската свинска чума, соопшти кинеското министерство за земјоделство.
Петнаесет водечки фарми потпишаа 19 договори со локалните власти на 16 кинески градови за заеднички проекти за одгледување свињи.
Се очекува оваа соработка да обезбеди производство на повеќе од 22 милиони свињи годишно, а ќе се вклучат и 33 илјади сиромашни селски семејства.
Државата ги поттикнува поголемите земјоделски стопанства да купат удели во средните и малите компании или да ги најмат како производители. Големите производители, исто така, би требало да ја забрзаат реализацијата на проектот со изградба на редица стандардизирани семејни фарми, кланици и разладни центри.
Фондот за свињи во Кина во моментот е за 40 отсто помал од минатата година поради епидемијата на африканска свинска чума. Инаку, Кина е најголем производител и потрошувач на свинско месо во светот, а во производството и натаму во добар дел се потпира на малите земјоделски стопанства.
Турција ќе произведува до 175 илјади електрични возила годишно
Турција соопшти дека планира годишно да произведува до 175 илјади електрични возила во рамките на проектот во кој за 13 години ќе вложи 22 милијарди лири (3,7 милијарди американски долари).
Турција веќе извезува во Европа голем број автомобили што ги произведува за компаниите „Форд“, „Фијат Крајслер“, „Рено“, „Тојота“ и „Хјундаи“.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган со години посакува производство на домашни автомобили, преку што би ја демонстрирал турската економска моќ.
Ердоган уште во ноември 2017 година најави план за производство на домашни автомобили најдоцна до 2021 година, а државата ќе го поддржи проектот за производство на електрични возила преку даночни олеснувања. Производството на овој тип возила ќе биде лоцирано во новиот погон во Бурса. Фабриката ќе произведува пет модели автомобили и ќе вработи повеќе од 4.000 луѓе. Владата вети дека до 2035 година ќе купи 30 илјади возила.
Конзорциумот производители „Турска група за автомобилска иницијатива“ (ТОГГ) беше основан кон средината на минатата година, а го сочинуваат „Анадолу груп“, „БМС“, „Кок груп“, мобилниот оператор „Туркчел“ и „Зорлу холдинг“. Се очекува производството да започне во 2020 година со модели на спортски теренци во сегментот на компактни автомобили.