ФИТР поддржа 314 компании
Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во изминатите две и пол години, како што истакна директорот Јован Деспотовски, поддржал 314 компании, 54 училишта и над 30 партнерски организации. Во рамките на поддржаните проекти, додаде тој, ангажирани се над 1.000 луѓе, кои имаат просечна плата од над 700 евра.
– Компаниите регистрираат раст на добивка од 60 проценти во однос на периодот пред да ја почнат инвестицијата. Има 50-процентен просечен раст на приходите, за 27 отсто е зголемен бројот на вработени. Ја зголемивме финансиската поддршка од максимални 30 илјади евра на 325 илјади евра. Поддржуваме проекти во над 20 индустрии, меѓу кои освен во ИТ, има и проекти во земјоделството, енергетиката, екологијата, машинството, производството на храна – рече Деспотовски.
Индекси на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар
Државниот завод за статистика објави дека во ноември 2019 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се пониски за 0,1 отсто на месечно ниво, а повисоки за 1,1 процент на годишно ниво.
Во ноември 2019, во споредба со октомври 2019, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се пониски во групата енергија за 0,8 отсто и во групите трајни производи за широка потрошувачка и интермедијарни производи, освен енергија, за 0,4 проценти.