Над 12 отсто од становите во државата под хипотека
Вкупно 132.527 од 1.084.534 запишани станови во нашата држава се ставени под хипотека. Тоа се 12,2 отсто од вкупниот број, покажуваат податоците од Регистарот на цени и недвижнини, кој го изработува Агенција за катастар на недвижности.
На врвот на листата меѓу градовите во земјава со најголем број станови под хипотека е Скопје, каде што од вкупно 317.074 стана под хипотека се ставени 64.301 стан или 20,2 отсто.
На второто место е Неготино, каде што под хипотека се 19,06 отсто од вкупниот број станови, а на третото место е Гевгелија, каде што 16,43 отсто од становите се под хипотека. Потоа следуваат Кавадарци со 14,13, Битола со 12,74, Штип со 12,47, Струмица со 11,74, Кочани со 11,6 и Велес со 9,99 проценти.
Ифо: Бизнис-климата во Германија подобрена во декември
Очекувањата на водечките деловни луѓе во Германија пораснаа во декември на највисоко ниво во последните шест месеци, сигнализирајќи отпорност на најголемата европска економија и покрај кризата во индустријата, информира економскиот институт „Ифо“. Индексот на деловната клима пораснал во декември за 1,2 бод во однос на минатиот месец, на 96,3 бода, највисока вредност од јуни.
– Германската економија ја почнува новата година со повеќе доверба – констатира Клеменс Фуст, претседател на „Ифо“.
Подобрени се и оцените за актуелната состојба во работењето и прогнозите за следните шест месеци.
Неизвесностите влијаеја врз германската туристичка индустрија
Неизвесноста предизвикана од брегзит и глобалните трговски судири годинава ја намалија желбата за патувања кај германските граѓани внатре во својата земја, покажа најновото истражување. Студијата изработена за Сојузното здружение на германската индустрија на туризмот (БТВ) покажа дека германските граѓани планираат околу 0,5 отсто повеќе денови да минат на патувања во 2020 година, отколку оваа година.
Тоа значи дека растот на индустријата забавил во споредба со периодот на премин од 2018 кон 2019 година, но натаму останува позитивен. Според прелиминарните податоци, бројот на денови на приватни патувања на граѓаните оваа година паднал за 0,5 отсто во однос на претходната година, на околу 1,704 милијарда патувања.