Франција најголем извозник на електрична енергија, Италија најголем увозник
Франција е најголем извозник на електрична енергија во Европа за 11 месеци оваа година, а Италија е најголем увозник, се вели во студијата на европскиот пазар на интерконектори.
Оваа студија покажа дека Франција од 1 јануари до 30 ноември остварила вкупен нето-извоз на електрична енергија од 39,4 терават-часа (ТВч), при што поголем дел испорачала на Италија (13,3 ТВч) и на Германија (11 ТВч).
Високото ниво на нето-извозот се должи на големите количества енергија добиена од нуклеарните централи и ниските гранични трошоци поврзани со тој вид енергија, што ја чини привлечна за целиот европски пазар.
Италија беше најголем увозник на електрична енергија од јануари до ноември со увезени 36,6 ТВч. Најголем дел од увезената енергија ѐ испорачала Швајцарија (17,6 ТВч), која го зголемува производството од обновливи извори, но и натаму се потпира врз нуклеарната енергија како главен извор.
ЕЦБ ги потврди постојните каматни стапки
Европската централна банка (ЕЦБ) ги потврди важечките каматни стапки и обновената програма за купување имот поради континуираната потреба за поттикнување на економијата во еврозоната, а новата директорка Кристин Лагард ја нагласи и важноста на буџетската поддршка на растот.
Како и што се очекуваше, ЕЦБ на последната седница, инаку прва во мандатот на Лагард на чело на оваа институција, ги задржа клучните каматни стапки на рекордно ниско ниво, вклучувајќи и негативна каматна стапка од 0,5 отсто за банкарските депозити.
Продолжуваат и со нов круг купување имот започнат на 1 ноември, во месечни износи до 20 милијарди евра.
Еуростат: Пад на индустриското производство во октомври
Индустриското производство во Европската Унија и еврозоната паднало во октомври, по стагнацијата во претходниот месец, покажа најновиот извештај на Евростат. На ниво на 28 земји-членки на ЕУ, сезонски приспособеното индустриско производство во октомври паднало за 0,4 отсто во однос на септември, кога според ревидираните податоци пораснало за благи 0,1 отсто, пресметале европските статистичари. Во еврозоната индустриското производство паднало за 0,5 отсто во однос на претходниот месец, кога се лизна за ревидираните 0,1 отсто.