Почна тргувањето со акциите на „Арамко“
Почна тргувањето со акциите на саудискиот нафтен гигант „Арамко“ на саудиската берза, по нецела недела откако компанијата објави продажба на акциите во досега најголемата иницијална понуда на акции (ИПО) во светот.
„Арамко“ минатиот четврток најави дека нуди на продажба 1,5 отсто од своите акции, односно вкупно три милијарди по цена од 32 ријали, или 8,53 американски долари, со вкупна вредност од 25,6 милијарди долари.
ИПО е дел од амбициозниот план чиј заговорник е саудискиот принц Мохамед бин Салман, а целта му е диверзификација на економијата за да се намали зависноста на земјата од нафта.
Кредит суис нема да финансира изградба на нови термоцентрали на јаглен
Швајцарската банка Кредит суис објави дека повеќе нема да финансира изградба на нови термоцентрали на јаглен, прифаќајќи ги зачестените повици на еколошките активисти упатени до финансискиот сектор да поддржи борба против климатските промени.
– Банката одлучи повеќе да не одобрува никакви облици на финансирање за развој на нови електроцентрали на јаглен – се вели во соопштението на Кредит суис.
Од банката нагласуваат дека во иднина имаат намера да ги прошират своите активности за поддршка на економијата што не загадува.
ЕУ: САД го загрозуваат меѓународниот механизам за решавање на трговските спорови
Европската Унија ги обвини САД дека го доведуваат во опасност меѓународниот механизам за решавање на трговските спорови блокирајќи го именувањето судии во телото за жалби при Светската трговска организација (СТО).
На двајца од вкупно три судии следната недела им истекува мандатот.
– Во СТО ќе имаме ситуација без преседан, организацијата повеќе нема да може да донесува обврзувачки одлуки во трговските спорови – вели Жоао Агуиар Мачадо, европски дипломат.