„Јунајтед ерлајнс“ нарача 50 авиони од „Ербас“
Американската воздухопловна компанија „Јунајтед ерлајнс“ нарача од европскиот производител на авиони „Ербас“ 50 нови млазни авиони, кои треба да ја заменат нејзината флота „боинг“. Компанијата планира да ја повлече од сообраќај флотата на авиони од типот „боинг 757-200“ и да ја замени со нови авиони „ербас“ од типот А321ХЛР. Испораката на нарачаните авиони ќе започне во 2024 година. Вредноста на авионите според каталошките цени изнесува седум милијарди долари, иако купувањето на толкав број често вклучува и значителни попусти, пишува „Блумберг“.
„Јунајтед ерлајнс“ не е единствениот американски превозник што се реши да купи авиони од европскиот производител. „Американ ерлајнс“ од „Ербас“ нарача и повеќе од 50 авиони од типот А321ХЛР.
Намалена добивката на производителите на автомобили
Добивката на водечките автомобилски компании силно потскокна во третото тримесечје, но тоа не беше доволно да се надоместат слабите резултати од првата половина на годината, покажа студијата на советодавната куќа „Ернст енд Јанг“(ЕЈ).
Оперативната добивка на производителите на автомобили во третото тримесечје пораснала 16 отсто во однос на минатогодишниот период, објави ЕЈ. Но во деветте месеци оваа година е помала за 11,5 отсто од истиот период лани.
Продажбата на автомобили и натаму заостанува во однос на минатата година, иако разликата донекаде е ублажена благодарејќи на зголемената продажба на поскапи возила.