Германските бродари преминуваат на горива со низок удел на сулфур
Германските бродари планираат да преминат на горива со низок удел на сулфур за да ги испочитуваат новите стандарди за заштита на околината. Според резултатите од истражувањето направено од здружението ВДР, за кое тие напоменуваат дека не е репрезентативно, 80 отсто од членките планираат да преминат на горива со низок удел на сулфурот од почетокот на следната година и стапувањето во сила на новите еколошки стандарди на Меѓународната организација за поморство (ИМО).
Новите стандарди на ИМО предвидуваат уделот на сулфурот во горивата да не смее да го надминува нивото од 0,5 отсто. Сега лимитот е седум пати повисок.
На бродарите им преостанува да избираат меѓу горивата со низок удел на сулфур, инсталирање прочистувачи за отстранување на сулфурните соединенија од издувите, односно преминување на течен природен гас (ЛНГ).
Прочистувачите чинат неколку милиони американски долари и моментално ги користат повеќе од 11 отсто од компаниите опфатени со истражувањето. Шест отсто користат дизел со удел на сулфурот од 0,1 отсто поради прописите што се во сила за бродовите во Северно Море и на Балтикот, како и во пристаништата. Уделот на оние што користат ЛНГ е многу мал.
Бродарите здружени во ВДР стравуваат дека нема да можат во целост да ги пренесат трошоците на транзицијата врз клиентите.
Уникредит се повлекува од проектите поврзани со јагленот
Италијанската банка Уникредит најави прекинување на сите облици на кредитирање на проектите поврзани со јагленот за термоцентралите до 2023 година, придружувајќи им се на сè поголемиот број финансиски компании, кои се обидуваат да го подобрат својот еколошки имиџ.
Банките низ светот се наоѓаат под притисок на инвеститорите, регулаторите и еколошките активисти да го олеснат преминот на нискојаглеродна економија, потсетуваат медиумите.
„Дојче телеком“ ја истражува можноста за поврзување со „Оринџ“
„Дојче телеком“ ја испитува можноста за поврзување со француската компанија „Оринџ“, информира германскиот економски весник „Ханделсблат“, повикувајќи се на неименувани упатени менаџери.
Двете компании разговараат со години, при што преговорите за спојување во 2017 година пропаднаа бидејќи не беше можно да ги доведе во рамноправна позиција.
„Ханделсблат“ информираше дека „Дојче телеком“ го проценува потенцијалот што би се отворил со поврзувањето со „Оринџ“. Весникот потсетува дека двете компании изминатите осум години соработувале во делот на набавките.