Бислимоски: Регулаторна да ја одредува и цената на водата

Регулаторната комисија треба да ја одредува и цената на водата, зашто ќе го релаксира и притисокот на политиката врз работењето на овие јавни комунални претпријатија. Ова го вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
– Знаете дека во изминатиот период има доста општини каде што има прекин во водоснабдувањето. Во тој период секое домаќинство сигурно ќе си купи шише вода од продавница. Едно шише вода не е под 15 денари, е толку е заштедата што ја кажуваат. Многу е битно со тие средства, кои многу значат за овие јавни комунални претпријатија, да може да инвестираат, да го подобруваат квалитетот и се разбира да влијаат на намалување на загубите на вода, коишто во овој сектор и, според извештајот на Државниот завод за ревизија, се енормни и во некои општини изнесуваат до 80 проценти – вели Бислимоски.


Рокот за земјоделски субвенции продолжен до 30 јуни

Земјоделците имаат уште десет дена за поднесување барања за субвенции. Крајниот рок е 30 јуни. По барање на Министерството за земјоделство, Владата минатиот месец го пролонгира рокот поради пандемијата.
Првично, рокот за аплицирање за финансиска поддршка беше до 31 мај.
– Поради состојбата предизвикана од пандемијата, аплицирањето за субвенции оваа година се одвиваше со намалена динамика. Во интерес на сите земјоделци што досега не успеаја да ги поднесат своите барања, Министерството за земјоделство во соработка со Агенцијата за финансиска поддршка поднесе барање до Владата за продолжување на рокот, кое беше прифатено – информираат од МЗШВ.