Фискален бројач ќе прикажува како се трошат буџетските пари

Фискалниот бројач е новата алатка на Министерството за финансии, која на дневна основа ги прикажува приходите и расходите во буџетот и извршувањето на капиталните расходи, додека на месечна основа го прикажува државниот долг. Целта на оваа алатка, која е објавена на веб-страницата на Министерството, е отвореност на буџетот кон јавноста, за поголема фискална транспарентност, која е највисокиот степен на контрола на јавните финансии, бидејќи на увид на јавноста ѝ се ставаат информациите што креираат јавно мислење.

– Тоа е алатка што на дневна основа го прикажува полнењето на државната каса, како и расходите, односно кумулативот од почетокот на годината до конкретниот датум на објава, како и тоа до кој степен е реализирано она што е планирано. Со него може да се следи и државниот долг на месечна основа, податок што досега се објавуваше на квартално ниво – соопштуваат од Министерството за финансии.


Државата ќе дава по 19 илјади денари месечно
за повратници од странство

Работодавците може да добијат 19 илјади денари месечно доколку вработат лице што останало без работа поради корона-кризата, повратници од странство поради затворањето откако се појави ковид-19, невработени со три и повеќе деца, осудени што излегле од затвор, лица со попреченост, припадници на ромската заедница, самохрани родители и други категории. Ова го објави Агенцијата за вработување вчера во огласите од Оперативниот план за 2021 година, а меѓу нив најатрактивен за работодавците е оној за субвенционирање плати, за кој има убедливо најголем интерес.

Секој работодавец ќе добие 19 илјади денари по вработен за период од три, шест или 12 месеци, но по завршувањето на субвенционираниот период, ќе мора да го задржи работникот најмалку уште двојно подолго време од изминатото.
– Станува збор за еден од огласите за кои има средства за 866 невработени што имаат тешкотии да се вратат на пазарот на трудот, но оваа бројка може да се зголеми со понатамошна пренамена на средства – велат од Агенцијата за вработување.