Британците ќе плаќаат пониски цени за струја и за гас
Милиони домаќинства во Велика Британија би требало од октомври да плаќаат пониски цени за струја и за гас, откако тамошната регулаторна комисија најави дека ќе го намали плафонот на тарифните модели со најмногу корисници за околу 7,5 отсто.
Владата на поранешната премиерка Тереза Меј на почетокот на минатата година воведе плафон за цените на струјата и гасот за да ги оневозможи компаниите преку високи цени да ги осиромашуваат корисниците.
Одлуката за спуштање на тој плафон на најниското ниво од неговото воведување е донесена поради падот на големопродажните цени на гасот од февруари во услови на намалена побарувачка во домаќинствата и компаниите во време на пандемија.
Автоиндустријата во ЕУ „загуби“ 2,4 милиони моторни возила
Европската автомобилска индустрија се најде во исклучително тешка ситуација поради пандемијата на коронавирусот, а само во ЕУ „загуби“ 2,4 милиони моторни возила, додека очекувањата се дека падот во оваа гранка годинава ќе изнесува 25 отсто.
Производителите на возила мораа да ги затворат своите развојни центри и производствените места во ЕУ во просек по 30 работни дена за време на периодот на рестриктивните мерки, што доведе до загуби во производството на повеќе од 2,4 милиони моторни возила до сега.
Ова го соопшти Европското здружение на производители на автомобили (АЦЕА), кое го објави својот годишен извештај во кој се дава преглед на автоиндустријата во ЕУ.
Автомобилската индустрија обезбедува работа за 14,6 милиони Европејци, што претставува 6,7 отсто од вкупната вработеност во ЕУ. Со 2,7 милиони луѓе што работат на производство на возила во 226 фабрики во ЕУ, автоиндустријата сочинува 8,5 отсто од вкупните производни бизниси во регионот.