Рекорден удел на обновливите извори на струја

Обновливите извори достигнаа рекорден удел во производството на електрична енергија, навестувајќи поинтензивно напуштање на фосилните горива во следните години, но некои аналитичари предупредуваат дека експанзијата на обновливите извори е последица на корона-кризата и економскиот пад.
Податоците на финската компанија за енергетска технологија „Вартсил“ собрани од европските оператори на електроенергетските мрежи, покажуваат дека обновливите извори на енергија од април до јуни во 27-члениот блок на ЕУ и Велика Британија генерирале просечно 44 отсто електрична енергија, за разлика од 37,2 отсто во истиот период минатата година. Дневните врвови на уделите на обновливи извори во тој период достигале и 53 отсто.
Водечка земја е Австрија во која уделот на обновливите извори во производството на струја е 93 отсто, во однос на претходните 91 отсто, во главно благодарејќи на хидроцентралите. Португалија оствари удел од 67 отсто, додека во најголемата европска економија, а во Германија, просечниот удел на обновливи извори во производството на струја од април до јуни бил 54 отсто во однос на 47,5 отсто минатата година. С. Т.

Јужна Кореја влезе во рецесија

Јужнокорејската економија влезе во рецесија во второто тромесечје, по најголемиот пад на активностите во последните две децении поради пандемијата на коронавирусот, а најмногу се погодени извозот и производството.
Четвртата по големина азиска економија падна за сезонски приспособените 3,3 отсто во второто годинашно тромесечје во однос на претходните три месеца, објави Банк оф Кореја.
Тоа е најостар пад од првото тромесечје во 1998 година и поголем од 2,3-отстотниот пад од процените на аналитичарите.
Бруто-домашниот производ паднал за 2,9 отсто на годишно ниво, во најголемата контракција од четвртото тромесечје во 1998 година и над 2-отстотниот пад од прогнозите во анкетата на „Ројтерс“.
Со тоа, Јужна Кореја им се приклучи на Јапонија, Тајланд и на Сингапур во техничката рецесија, која се дефинира како две едноподруго тромесечја со пад на БДП.

Чешка сака нова нуклеарка

Чешката влада се согласи да ѝ понуди бескаматен заем на државната компанија ЧЕЗ за да ѝ помогне да ги покрие трошоците за изградба на нова нуклеарна централа, која би требало да ги замени застарените капацитети на јаглен, како и старата нуклеарка.
ЧЕЗ ќе го искористи заемот за изградба на нова нуклеарна централа со капацитет од околу 1,2 гигавати во постојната нуклеарна централа „Дуковани“.
Заемот би покрил 70 отсто од проценетите трошоци на проектот од околу 6,9 милијарди долари, се наведува во владиниот документ.